1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Фудбалери хомосексуалци

Во германскиот професионален фудбал темата спортисти-хомосексуалци е контроверзна, а досега никој од професионалните фудбалери не се декларирал како хомосексуалец. Еден клуб од Хамбург се обидува тоа да го промени.

Кабина на спортскиот клуб „Стартшус“ во Хамбург, неколку минути пред почеток на натпреварот. Фудбалерите сакаат не да победат само на натпреварот, туку да победат и во борбата против предрасудите за хомосексуалците на фудбалските терени. Зашто овде сите се страствени фудбалери и хомосексуалци.

Александер фон Бејме, од спортскиот клуб „Стартшус“, објаснува:

„Станува збор за забава, за запознавање пријатели и релаксирано играње фудбал, а притоа да не мора да објаснувате ништо.“

Играчите аматери имаат тренинг еднаш неделно. На просторот на спортското здружение во Хамбург се сами меѓу себе - хомосексуалци. Но, професионалците за оваа тема молчат. Досега ниту еден професионален играч не се изјаснил како хомосексуалец.

Сега Германскиот фудбалски сојуз се осмели на потег и издаде брошура со совети и објаснувања.

„Сметам дека брошурата е добра, затоа што е тоа првпат Сојузот со својот авторитет да им дава материјал на луѓето в раце во 26.000 клубови“, оценува Александер фон Бејме.

Фан-клубот на хомосексуалци „Грин Хот Спотс“ од Бремен се бори против предрасуди. Соосновачите Ларс Весел и Оливер Арлт, на натпреварите на домашен терен на прволигашот Вердер Бремен организираат редовно акции против хомофобија. На домашниот стадион во меѓувреме се чувствуваат прифатени.

„Во меѓувреме веќе не е воопшто проблем ако таму паровите во моменти на славје се прегрнуваат и бакнуваат и мислам дека за секој навивач, сеедно дали маж или жена, е сосема нормално да оди таму со својот партнер и да биде дел од групата“, вели Ларс Весел.

Тој работел на изработка на брошурата, која е упатство за себедекларирање и сигнал дека околу темата се дискутира и интерно. Според критичарите, на тој начин им се оди „на рака“ и на клишеата. Весел вели:

„Први се забелешките што се слушаат на патот до стадион, потоа се работи за клишеата, за темата наведнување по сапунот, за туширање со грбот до ѕид ит.н.“

Александер фон Бејме, на оваа тема додава:

„Се разбира, малку се смеам на сето тоа, зашто нашето туширање по натпреварот за некого е можеби многу здодевно.“

За хоби-фудбалерите хомосексуалци од Хамбург е јасно - декларирање на некој професионален играч како хомосексуалец би било пример. Но, прашање е дали тоа ќе се случи.

„Се‘ уште чекам на професионалец кој ја завршува кариерата, па ризикот му е малку помал. Но, тој сепак објавува автобиографија, гостува на ток-шоуа и добива уште договор за рекламирање на Нивеа за мажи“, вели Фон Бејме.

Во „Стартшус“ никој не е на мислење дека тоа ќе се случи во блиска иднина. Но, офанзивен приод кон темата е барем почеток.