1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Фрустрираните и незадоволни луѓе ретко прават добрина

Склоноста кон добротворство, помош на луѓе во неволја, останува особина на граѓаните на Македонија, иако транзицијата и осиромашувањето на населението значително ги проретчуваат конкретните примери на направена добрина.

default

Пензионираниот универзитетски професор по дефектологија Љупчо Ајдински, кој го има добиено признанието „Најголем човекољубец – филантроп“ за 2010 година, констатира:

„Последните години, иако има иницијативи за доброчинителство, поради големиот број на оние што очекуваат добрина, чинењето добрина е се‘ помало, со оглед на нискиот стандард. Во изминатата 2010 година ’Лајон’ – клубот од Скопје за Божиќ даруваше 70 пакети со по 25 килограми храна на сиромашни семејства. Во оваа 2011 година ќе донира 30 пакети.“

Опаѓа бројот на граѓаните-дарители

Македонскиот центар за меѓународна соработка има утврдено дека е опаднат бројот на граѓаните, кои дарувале: од 71 проценти во 2009-та година, на 65 отсто во 2010-та. Сашо Клековски, аналитичар од споменатиот центар, кој беше вклучен во истражувањата на добротворството, ги изнесува своите индивидуални согледувања за 2011-та година – дека сепак, постапно започнува да се враќа културата на доброчинителството:

Saso Klekovski

Сашо Клековски

„Се враќа малку – помалку таа култура за собирање добротворни прилози низ акции, на која се сеќаваат повозрасните граѓани. Секако, тоа е во зачеток. Се враќа и Црвениот крст на традиционалните акции за собирање средства за возрасни лица, потоа и за хендикепирани лица. Исто така, и детски и други организации се враќаат кон традиционалните начини за мобилизирање на граѓанството за дарувања, или помош на други. И во Македонија повозрасните луѓе се повеќе склони да дадат доброволни прилози и, главно, тие се од посиромашните слоеви.“

Symbolbild Spenden

„Сите си го гледаат само својот интерес и газат преку жртви“

Потсетувајќи на меѓународните истражувања, според кои луѓето во Македонија се меѓу најмалку задоволните од животот и меѓу најмалку среќните народи, Огнен Спасовски, професор во Институтот за психологија на Државниот универзитет во Скопје, укажува дека во неговата земја „се‘ поретко можат да се сретнат добрината и гостоприемливоста“. „Оваа дведецениска опустошувачка транзиција во Македонија, нискиот животен стандард и егзистенцијалната криза ги прават многумина фрустрирани и незадоволни. Во ваквата егзистенцијална криза, аргументирајќи дека ’светот е таков’, дека ’општеството или заедницата со ништо не ми помогнало’, туку ’сите си го гледаат само својот интерес и газат преку жртви’, луѓето имаат сè помалку доверба кон другите и се сè помалку алтруистични. Во ситуација кога мнозинството од луѓето не се чувствуваат многу задоволни од сопствениот живот, и кога е потисната личната одговорност, не може да се очекува спонтано и самоиницијативно чинење добро кон другите. Тоа, со чест кон исклучоците, се сведува на ограничени дејствија насочени кон најблиските. Во друга категорија спаѓаат дарувањата, или добрите дела од суеверие. Каква што е состојбата во Македонија, јас не гледам моменти, кои ќе ја променат во наредните години“, нагласува д-р Спасовски за Дојче веле во својата изјава, испратена од Центарот за позитивна психологија на Универзитетот „Пенсилванија“ во Филаделфија, САД, каде што тој сега ја истражува проблематиката на добротворството.

Symbolbild Spenden

Што мислат граѓаните

Дојче веле праша и дел од граѓаните на Скопје: дали постои добрина во нивната земја? Тие одговараат:

„Добрина – не постои такво нешто“.

„Ретко, ретко. Се сменија луѓето“.

А дали транзицијата влијае и како врз добрината? Анкетираните скопјани сметаат:

„Транзицијата ја убива добрината и тоа многу“.

„Постојат добри луѓе, но, не доаѓаат до израз, поради политиката“.

„Како и во сите други земји, и во Македонија има и добри и лоши луѓе“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Ж.Ацеска