1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Фридрих: Азил за Сиријците, но не и за барателите од Македонија и Србија

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих ја бранеше политиката за азил на сојузната влада. Тој повтори дека Македонците и Србите не можат да се надеваат на азил во Германија.

За „Берлинер моргенпост“ Фридрих рече дека има ограничени капацитети за прифаќање, ограничени финансиски средства и ограничена можност за интеграција во општеството. Германија може да ги прифати само оние кои се загрозени, како бегалците од Сирија, на пример, но не и барателите на азил од Србија или Македонија.

„Ние мораме да ги чуваме подготвени капацитетите за сириските бегалци и тие не можат да бидат земени од оние кои доѓаат од безбедни земји како Србија или Македонија“, нагласи германскиот министер за внатрешни работи.

Бројот на баратели на азил од Србија или Македонија, кои според Фридрих доаѓаат поради економски причини, во изминатите месеци е драстично зголемен. Затоа, Фридрих уште еднаш потсетува кој може да добие азил и нагласува дека германската влада ќе направи се’ за да им даде шанса на азилантите да започнат нов живот во земјата.

„Ние правиме се’ на оние кои се политички прогонувани да им дадеме шанса тука да си започнат нов живот. Ако сакаме да продолжиме да го правиме тоа, тогаш мораме некаде да поставиме граници и да ја спречиме злоупотребата“, вели Ханс-Петер Фридрих за „Берлинер моргенпост“.

До ноември точно 8.163 Срби побарале азил во Германија. Србите и Македонците во Германија не се сметаат за бегалци и затоа не можат да добијат азил. Според податоците на Сојузното министерство за внатрешни работи, процентот на апликанти од Македонија или Србија кои добиле азил е еднаков на нула.