1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Фрајбург и Мајнц во битка за излез во Европа

По 21. коло во германската Бундеслига Бајерн Минхен ја зголеми предноста на врвот на табелата и сега единствен предизвик му е да го урне сопствениот рекорд. Најинтересно e во битката за европските купови.

Фрајбург ја совлада Фортуна Диселдорф со 1:0 во последниот меч од 21. коло и се искачи на петтото место на табелата во Бундеслигата. Иако делуваше како мечот да ќе заврши без голови, Крмаш со погодок во 87. минута, му донесе важни три бода на својот тим.

Една позиција подолу од Фрајбург е тимот на Мајнц кој стигна до бод на гостувањето кај Аугсбург. Гостите поведоа со 1:0 со голот на Шалаи во првото полувреме, но по исклучувањето на Паркер, Аугсбург ја искористи предноста од играч повеќе и стигна до важен бод во битката за опстанок, иако остана претпоследен на табелата.

До крајот на првенството остануваат уште 13. кола и речиси никој повеќе не верува дека до титулата може да стигне некој друг освен Бајерн Минхен.

Fussball 1.Bundesliga FC Bayern München gegen FC Schalke 04 Mario Gomez

Голем чекор кон титулата за Бајерн - Марио Гомез

Баварците имаат 15 бодови предност пред бранителот на титулата Борусија Дортмунд и 16 пред третопласираниот Бајер Леверкузен. Бајерн во саботата уште еднаш покажа зошто е суверено на врвот по рутинската победа на Шалке од 4:0, пред своите навивачи во Минхен. Единствен мотив за фудбалерите на Бајерн до крајот на сезоната ќе биде да го урнат клупскиот рекорд од сезоната 1972-1973, кога титулата беше освоена со 20 бода предност пред најблискиот ривал.

За фудбалерите на Шалке, пак, сезонава се заканува да заврши катастрофално, откако тимот кој беше на втората позиција на табелата кон крајот на ноември, сега се наоѓа на 10. место и речиси ги загуби шансите за европски фудбал следната есен.

Борусија изненадена од Хамбургер

Двата тима кои се зад Бајерн на табелата, Борусија и Бајер, немаа успешни викенди. Борусија загуби на домашен терен од Хамбургер со 4:1. Клучен момент на мечот беше црвениот картон кој го заработи напаѓачот на Борусија, Левандовски, во првото полувреме.

Бајер, пак, мораше да се задоволи со бод од гостувањето кај локалниот ривал Борусија Менхенгладбах. Одличниот меч заврши со конечен резултат од 3:3.

Fußball Bundesliga 21. Spieltag Borussia Dortmund Hamburger SV

Хамбургер ја изненади Борусија во Дортмунд

Единствениот меч без голови изминатиот викенд го одиграа Ајнтрахт и Нирнберг во Франкфурт. Она по што ќе остане запаметен мечот беше дивеењето на гостинските навивачи по кое полесно повредени беа 19 полицајци.

Пет гола паднаа на мечот Штутгарт-Вердер, повеќето за гостите. Вердер однесе убедлива победа од 4:1 на тешкото гостување и сега може да се надева на борба за позициите на табелата кои водат во европските натпреварувања. Штутгарт, пак, по низата лоши резултати се најде на само два бода од местото кое води во бараж натпреварите за испаѓање од лигата.

Во уште потешка ситуација е Хофенхајм по поразот на гостувањето кај Хановер од 1:0. Се‘ помали се шансите дека тимот ќе избори опстанок во лигата, а до крајот на сезоната ќе води битка со тимовите од дното за 16. позиција која води во баражот.

Таква надеж речиси и да нема за тимот на Гројтер Фирт кој загуби пред домашната публика од Волфсбург со 0:1.