1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Франц Кафка, една литературна загатка

Тој се вбројува меѓу најважните автори кои твореле на германски јазик, иако неговите дела до денес за многумина се загатка. Можеби токму тој аспект ги прави текстовите на Франц Кафка се'уште актуелни.

Ете го, таму лежи тој, беспомошниот човек. Неговиот грб е тврд како оклоп. Ако ја подигне главата, пред очи беспомошно му треперат неговиот сводест, кафен стомак и бедно чкоркастите нозе. Дали е тоа тело на еден човек? Не. Тоа е тело на еден страшен инсект. Една одбивна бубачка, која до синоќа се' уште беше човек. „Преобразба“ (Die Verwandlung) се вика расказот на Кафка од 1912 година и можеби е неговиот најпознат расказ воопшто. Еден ужасен, вознемирувачки текст за ранливоста на човекот и неговата непријатна улога во светот, која преку ноќ може да го фрли на маргините.

Franz Kafka Prag

Домот на Кафка. Прага околу 1893

Но, зошто Кафка ја спакува својата приказна во една ваква загадочна форма? Не можеше ли да ја раскаже поинаку, „пореално“, „поверодостојно“? Некои читатели се збунети од ваквиот таинствен карактер. Еден од нив беше и извесен д-р Зигфрид Волф, кој го прочита текстот непосредно по неговото објавување, по што беспомошно му се обрати на авторот Кафка.

„Почитуван господине“, му пишува тој нему, „Ме направивте несреќен. Ја купив Вашата ’Преобразба’ и и' ја подарив на братучетка ми. Но таа не може да си ја објасни приказната. Братучетка ми и' ја даде на мајка и‘, но и таа нема објаснување... Само Вие можете да ми помогнете. Вие би морале да го сторите тоа; впрочем Вие ми ја надробивте супата. Значи Ве молам кажете ми, што треба да мисли братучетка ми кај ’Преобразбата’“.

Моќта на текстот

Зошто Кафка пишуваше толку мрачно, зошто ги внесуваше неговите фигури во ситуации, кои во реалноста, барем во буквална смисла, не постојат? Со ваквиот стил на пишување Кафка си отежна и себе си, оти тој спречи Кафка од страна на пошироката публика да стане признат писател уште додека беше жив.

Film Franz Kafka Der Prozess

Сцена од филмот „Процес“ на Орсон Велс

За германинистот Томас Анц, кој предава на универзитетот Марбург, и кој за Франц Кафка напиша студија, тој е извонреден поет на апсурдот. Затворената, полна загатки литература на Кафка, смета Анц, е некој вид формален еквивалент на штурите правосудни органи или моќниците со кои се среќаваат неговите ликови. Тоа осебено важи за државните служби, кои Кафка ги опишува во неговиот роман „Процес“ или уште поостро во расказот „Во казнена колонија“. Двата текста ја опишуваат немоќта на поединецот пред анонимната моќ - еден цивилен суд во „Процес“ и еден воен суд во „Во казнената колонија“. „Кафкијанска ситуација“ се вели за ситуацијата на беспомошност, кој го карактеризира модерното масовно општество.

Стравотиите на модерната

Германистот Михаел Браун, раководител на одделот за литература на фондацијата Конрад Аденауер, смета дека во текстовите на Кафка се одразува нервозата на неговото доба со оглед на тогашниот феномен за модернизација. Порастот на градовите, новите превозни средства како железницата и пред се' автомобилот, новите производствени техники и јакнењето на државата - сето тоа беше ново и ги вознемируваше луѓето. Овој немир, вели Браун, луѓето го чувствуваат и денес: „Затоа Кафка честопати се нарекува пророк; човек кој во 1900-та предвиде што ќе се случува во средината на минатиот век и што подоцна ќе стане реалност - човек изложен на перманентна контрола или пак мачење“.

Kafkas Manuskripte im Literaturachiv Marbach

Оригиналниот ракопис на романот „Процес“ на Франц Кафка

Може да се извлече директна паралела меѓу Кафкината „Казнена колонија“ со денешниот американски затворенички логор Гванатанамо на Куба. Чувството на беспомошност, кое го опишува Кафка - барем делумно - е зачувано до денес. Парадоксално е што и во општествата, каде луѓето уживаат голема слобода, постои извесен облик на застрашување. Тоа, според Томас Анц, е последица на губење на традиционалниот авторитет. Феноменот, со кој Кафка постојано се занимаваше, до денес ги вознемирува луѓето. „Авторитетите делумно се доживуваат како опасност, а делумно се исмеваат. Сето ова предизвикува одредена дезориентација. Тоа се искуствата од модерната кои се одразуваат до денес и кои автор како Кафка ги опиша на брилијантен начин“.

Пофалба на многузначноста

За многузначноста, која провејува во текстовите на Кафка, има уште една причина, појаснува Михаел Браун. Тој се крие во многуслојниот идентитет на Кафка, кој е повторно феномен на модерното доба: „Кафка беше Евреин, Кафка беше адвокат, Кафка беше писател. Кафка беше од Прага, тој беше Чех и Германец. Со оглед на ова мноштво на идентитети, да се бара идентитетот на Кафка, кој ќе напише јасен збор, ќе биде засекогаш проблем“. „Имено“, дополнува Браун: „Токму овој проблем е она што е привлечно во текстовите на Кафка. Впрочем, ако него го нема, во што тогаш ќе биде возбудата да се чита Кафка? “