1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Француска поддршка за влез на Македонија во НАТО

Министерот за одбрана на Македонија Лазар Еленовски во Париз се сретна со францускиот колега Ерве Морен. Тема, покрај соработката во одбраната, и обид за омекнување на француската позиција околу името на Македонија

default

Париз очекува решавање на спорот со Грција околу името

Посетата на Еленовски на Париз доаѓа во еден чувствителен период за Македонија, само дваесетина дена пред самитот на НАТО во Букурешт и во момент кога во македонската јавност се добива впечатокот дека Франција од сите европски партнери на Грција, има најголемо разбирање за позицијата на Атина околу името на Република Македонија.

На средбата со францускиот министер за одбрана, Ерве Морен исто како и со неговите други соговорници во Франција, Еленовски го објасни напредокот што Македонија го има направено во последните години во политичките и одбранбените реформи, со цел да стане членка на ЕУ и НАТО, како за и француската поддршка во ова.

„Подршката на Франција е неспорна. Сето тоа што досега сме го работеле, како прашањето на билатерална соработка исто така и соработка во регионот, но исто така и за светската безбедност, покажаа дека Македонија е подготвена да се приклучи сосема рамноправно во Алијансата.“

Според македонскиот министер за одбрана- „Желба на Франција е Македонија да стане членка на НАТО, исто како и на Европската Унија.“

Француска поддршка за Грција

Но само ден пред доаѓањето на Еленовски во Париз, шефот на француската дипломатија Бернар Кушнер, повторно на маргините на состанокот на европските министри за надворешни работи и ја изразил на Дора Бакојани, француската поддршка на Грција по прашањето за името. Сепак, Франција посакува постигнување на договор меѓу двете земји и е уверена дека постојат решенија. Според Кушнер „на Република Македонија и е потребно едно друго име, но двете земји се тие кои што треба да изберат.“

Ваквиот став на Париз го почувствува и македонскиот министер за одбрана Лазар Еленовски при неговите средби во Сенатот и министерствата за одбрана и надворешни работи на Франција.

„ Воопшто немам впечаток дека Франција ќе се воздржи од недавање доверба за Македонија. Напротив. Значи, имаме чиста ситуација дека 25 земји членки на Алијансата ќе ја дадат подршката, меѓутоа доколку се случи ветото, тоа ќе ги поткопа целосно интересите на Македонија но исто така и на Алијансата. Така да, не станува збор за француското давање или не на поддршка, колку што станува збор за грчкото вето“, изјави Елеоновски, кој притоа ни рече дека со неговиот француски колега Ерве Морен, било отворено и прашањето околу „можното вето од Грција“.

„Сугестијата е: - ако нешто може да се заврши до самитот, тоа да го направиме за да се елиминира било каква опасност.“

Добра билатерална соработка

Инаку билатералната соработка со Франција во областа на одбраната е оценета како одлична и таа се продлабочува со отворање на Канцеларија на македонско воено аташе во Париз.

Во однос на француското претседателство со ЕУ, кога Македонија очекува датум за преговори за членство во Унијата, како потврда на француската поддршка за Македонија, е нејзината намера да поддржи одржување на безбедносна и одбранбена конференција на ниво на ЕУ во октомври во Охрид.

Двајцата министри за одбрана разговараа и за ситуацијата во регионот при што е искажано задоволство од безбедносната ситуација во Косово, со тоа што тие истакнаа дека нема очекувања за прелевање или зголемување на конфликтот, туку само се можни изолирани инциденти.

Во оваа насока двајцата министри ги поддржаа новите демократии на Балканот и изразија уверување дека на следните избори во Србија ќе победат демократските сили.