1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Француска „воздржаност“ за проширувањето

„Ако се оди пребрзо со проширувањето, тоа ќе биде против интересите на Европската Унија“, вели шефот на француската дипломатија Филип Дуст-Блази. Дуст-Блази тврди дека „никој не ја оспорува европската перспектива на земјите од Балканот, но народите треба да го кажат својот збор“,мислејќи тука на францускиот референдум за сите нови проширувања.

Париз

Париз

За да се добие на време со проширувањето, Франција го воскресна критериумот за „капацитетот за апсорпција“, кој набрзо го прифатија другите земји членки на Европската Унија.

Во практиката се покажува дека Франција е една од најрезервираните држави во однос на проширувањето, таа гледа со скептичност кон малите „држави-прашини“ произлезени од поранешна Југославија, кои се помали и од француските региони. Нивната неподготвеност за членство во Унијата, се смета дека само ќе го докрајчи функционирањето на европските институции.

Затоа кога се расправаше за доделувањето на кандидатскиот статус на Македонија, поранешниот француски шеф на дипломатијата Ерве де Шарет беше јасен.

„Прашањето за една мала земја како Македонија, на прв поглед може да изгледа безопасно“,

Според де Шарет, невозможно е да се разгледува приемот на нови земји членки, случај по случај, без тие да бидат ставени во глобална перспектива. Поранешниот француски министер за надворешни работи притоа се заложи:

„Потребно е време. Најпрво за да балканските народи научат повторно да живеат заедно и само потоа зедно со нив да се најдат модалитетите со кои заеднички ќе можат да учествуваат во животот на Европската Унија. Затоа, Франција треба да предложи одложување на приемот на нови земји членки се додека Европската Унија не излезе од кризата.“

Размислувањето на де Шарет го делат француските политичари од сите редови, а може да се слушне не само во кулуарите туку и од говорниците на европските институции.

Предлогот на француската влијателна група „Наша Европа“, за создавање на еден вид унија на земјите од Западниот Балкан, во која би влегла и Хрватска, со заедничка валута и некои институции, колку и да не им се допаѓа и е отфрлан од политичарите од сите балкански земји, е само одраз на погледот и размислувањата кои актуелно ги има Унијата кон земјите од Балканот. За нивниот прием датумот не утврден и според сите анализи тој е далечен, затоа групата раководена од поранешниот претседател на Европската Комисија Жак Делор, мисли дека „земјите од Западен Балкан најдобро можат да ги научат европските правила преку регионалната соработка, што во дадениот момент ќе им дозволи да влезат во Унијата.“

Тони Гламчевски