1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Французите избираат меѓу Ројал и Саркози

Франција денес го избира својот нов претседател. Изборот е меѓу кандидатката на левицата Сеголен Ројал и кандидатот на десницата Никола Саркози. Вечерва во 20 часот ќе се знае кој од нив двајцата ќе биде шестиот по ред претседател на петтата Француска република, кој ќе го замени Жак Ширак по дванаесет години поминати во Елисејската палата.

Кој ќе биде новиот француски претседател?

Кој ќе биде новиот француски претседател?

Уште сега може да се каже, дека без разлика кој ќе биде победникот на изборите, наследникот на Жак Ширак, претставува вистинска новина, одраз на денешното француско општество.

Никола Саркози, би бил првиот разведен и повторно оженет претседател со проширено семејство. Сеголен Ројал, не само што би била првата жена претседател, таа официјално не е во брак и е мајка на четири деца.

Во тој новаторски дух помина и кампањата. Тонот, возраста на кандидатите, силната мобилизација на избирачите од кои дури 84% гласаа во првиот круг. Според политикологот Доминик Рењие, духот на предизборната кампања навестува и политички промени.„Овие избори, се избори на премин во нов период. Вистинска раскрница, смена на генерации. Избраниот, без разлика кој ќе биде, ќе биде избран во првиод обид да стане претседател. Тие се помлади од досегашниот претседател, се користат со друг политички јазик, нивната политичка матрица е многу различна. Системот на вредности кај нив е длабоко изменат. Начинот на кој ја водеа кампањата беше различен, еден вид „потрошувачка кампања“со многу сегментирана анализа на очекувањата на Французите“, анализира политикологот Рењие.

Ако им се верува на последните испитувања на јавното мислење, објавени два дена пред вториот круг на изборите, нов претседател на Франција ќе биде Никола Саркози.

Трите последни испитувања покажуваат дека за Саркози би гласале 54,5 отсто од Французите, наспроти 45,5 проценти за Ројал. Предноста на Саркози е толку многу голема, што тој веќе се гледа како претседател на Франција.

Сеголен Ројал сепак верува во нејзините шанси, посебно откако Франсоа Бајру, кандидатот од центарот, кој во првиот круг се пласира на третата позиција, изјави дека знае оти нема да гласа за Никола Саркози.„Ги има уште оние кои се двоумат или донесоа друга одлука. Но таа одлука можеби не е конечна. Можеме се уште да ги предомислиме“, порача Ројал засилувајќи ги директните напади врз Саркози.

Саркози пак веќе се гледа како претседател, кој пред два дена им порача на своите гласачи „Уште два дена за да бликне од пазувите на земјата нова енергија. Два дена за да се подигне големото народно движење, кое ќе ги однесе сите пречки, двоумења и стравови...“

Ројал, исто како и Саркози располага со резервоар од околу 15 милиони гласови, кои во првиот круг ги добија другите кандидати. Но никој незнае, дали и денес ќе биде силен одѕивот на гласачите како пред две недели и како ќе се однесуваат неопределените избирачи.

За вечерва кога ќе биде познато името на новиот претседател, се засилени безбедносните мерки во Париз и во другите поголеми градови. Полицијата тврди дека не се забележани знаци за евентуални нереди во предградијата, како што се најавуваше деновиве во случај на победа на Никола Саркози.