1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Французите ги очекуваат повисоки даноци

Со покачување на даноците и заштеди францускиот претседател има намера да го редуцира дефицитот во буџетот. Конјунктурните изгледи во земјата меѓутоа се влошени.

Францускиот претседател Франсоа Оланд најави покачување на даноците за граѓаните и претпријатијата во висина од по десет милијарди евра за да биде намален дефицитот во буџетот. Освен ова државата има намера да заштеди уште десет милијарди евра. На овој начин дефицитот во буџетот од сегашните 4,5 проценти во 2013 година треба да биде доведен до три проценти од БДП. Ваков строг буџет, каков што е планиран за 2013 година во Франција немало во последните 30 години, подвлече претседателот. „Во 2013 година нема да дадеме ниту евро повеќе отколку во 2012“, изјави Оланд.

Во едно телевизиско интервју претседателот Оланд истакна дека, како што беше најавено за време на кампањата за претседателските избори ќе биде воведен данок за богатите во висина од 75 проценти на приходи од еден милион евра па нагоре. Претседателот увери дека притоа „нема да има исклучоци“. Во изминатите денови имено медиумите информираа дека постои можност спортистите и уметниците да бидат изземени од овој данок.

Претседателот Оланд истовремено ја редуцираше прогнозата за пораст за наредната година на 0,8 проценти од БДП. Досега се проценуваа 1,2 проценти. Во 2014 година меѓутоа мерките на социјалистичката влада за поголем пораст и конкуретност ќе ги покажат првите резултати, уверен е претседателот.