1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Франција трага по причините за железничката несреќа

Човечка грешка не ја предизвикала несреќата која се случи во местото Бретињи-сир-Орж, јужно од Париз, која се случи вчера вечер. Оценката ја даде францускиот министер за транспорт Фредерик Кувилие.

Шест лица загинаа во несреќата, а околу 200 патници се повредени кога четири вагони од возот се превртеа на железничката станица во Бретињи-сир-Орж. Синоќешната несреќа се смета за најтешка во последниве 25 години. Според францускиот министер за транспорт несреќата можела да биде и потешка, и го пофали машиновозачот дека навреме испратил предупредувачки сигнал. Поради неговата брза реакција бил запрен железничкиот сообраќај во таа област. Сепак, министерот предупреди дека е можно во остатоците од вагоните да бидат пронајдени повеќе жртви.

„За среќа возачот на локомотивата имал извонредни рефлекси испраќајќи веднаш предупредување, со што беше избегнат судар со воз кој доаѓаше на другиот перон и за само неколку секунди можеше да се смачка во вагоните. Значи, не се работи за човечки проблем“, изјави министерот.

Кувилие рече дека е нејасно што ја предизвикало несреќата, но надлежните проверуваат можна грешка во системот за пренасочување, а се разгледуваат и други можни причинители на несреќата.

Zugunglück nahe Paris am 12. Juli 2013

Сведоците на несреќата велат дека железничката станица изгледа како воена зона

Полицијата информираше дека „возот пристигнал на станицата со огромна брзина. Тој се поделил на два дела од непозната причина. Дел од возот продолжил да се движи по шините, додека друг дел удрил во платформата и се превртел“.

Местото на несреќата веднаш го посети францускиот претседател Франсоа Оланд. Порака со сочувство до него испрати шефот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо. Шокираност од несреќата изрази британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг.

Со возот се превезувале 385 патници. Дел од патниците за новинските агенции изјавија дека морале да минат преку заглавени патници, како и дека железничката станица по несреќата изгледала како воена зона. Железничката несреќа се случи на 40 километри јужно од Париз и пред почетокот на празничниот викенд, во кој в недела се одбележува националниот празник Денот на Бастилја.