1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Франција се прости од светската титула

Во полуфиналето на СП во ракомет ќе играат репрезентациите на Хрватска, Данска, Шпанија и Словенија. Германците не успеаја во дуелот против домаќинот, Хрватска ја декласираше Франција

Данска-Хрватска и Словенија-Шпанија се полуфиналните двојки на Светското првенство во ракомет кое се одржува во Шпанија. Четвртфиналните дуели донесоа извонреден ракомет, а денот го одбележа убедливата победа на Хрватска над актуелниот светски првак Франција.

Хрватска до победата стигна со извонредната игра во одбраната, која на француските бекови им дозволи да постигнат само пет голови од игра. Домагој Дувњак беше херојот на Хрватите со осум постигнати голови, додека голманот Алиловиќ имаше 13 успешни интервенции.

Противникот на Хрватите во полуфиналето, европскиот првак Данска ја совлада Унгарија со 28:26, благодарение пред се на одличната игра во првото полувреме кога данските ракометари направија залиха од шест голови предност.

Извонредно интересен дуел одиграа селекциите на Словенија и Русија. Словенците дојдоа до победа од 28:27 во дуел кој изобилуваше со жестока игра и дури три црвени картони за руските ракометари. Во полуфиналето во Барселона, противник на словенечките ракометари ќе им биде селекцијата на домаќинот, Шпанија која во четвртфиналниот дуел ја совлада Германија со 28:24.

Германците одиграа одлично прво полувреме по кое имаа водство од два разлика- 14:12. Но клучни за мечот се покажаа првите 10-ина минути од вториот дел, кој Шпанците го започнаа со двајца играчи повеќе во поле поради исклучувања во германската селекција. Предноста од полувремето беше набрзина анулирана, а по неколкуте промашени зицери од контри на германската репрезентација, Шпанија бодрена од 11 илјадната публика успеа да се одлепи на „плус“ пет голови разлика. До крајот на мечот германските ракометари не успеаја посериозно да ги загрозат домаќините, па Шпанија заслужено обезбеди пласман меѓу четирите најдобри екипи во светот.

Томас и Агинагалде со по седум голови ја предводеа Шпанија до победата, додека во германскиот состав најдобар играч беше голманот Силвио Хајнефетер со 14 одбрани.

Полуфиналните дуели се на програмата в петок 25 јануари.