1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Франција се извини, Латинска Америка лута поради Моралес

Франција жали поради привремената забрана за прелет на авионот на боливискиот претседател. Повеќе латиноамерикански држави се бесни- Европа се посрамоти во случајот со Ево Моралес.

Францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус во телефонски разговор со неговиот боливиски колега по функција Давид Чокуехуанка му изразил жалење поради пролонгирањето на дозволата за прелет, соопшти Министерството во Париз. Официјално образложението гласи - дошло до забуна околу сопственоста на авионот, Моралес инаку е добредојден во Франција. Боливискиот претседател Ево Моралес, кој по посетата на Русија се наоѓаше на пат за дома, мораше да слета непланирано во Виена, бидејќи Франција, Италија, Португалија и Шпанија не му издадоа дозвола за преминување преку нивните воздушни територии, раководени од сомневањето дека во авионот се наоѓа американскиот екс-таен агент Едвард Сноуден, по кого постои американска потерница со обвинение за предавство. Дури по 13 часа принуден престој, Моралес можеше да го продолжи летот.

Bolivien Präsident Evo Morales Ankunft in La Paz am 3. Juli 2013

Ево Моралес по враќањето дома со својот заменик Гарсиа ја пејат националната химна

Но, дипломатскиот скандал ги огорчи државите во Латинска Америка. Унијата на Јужноамерикански држави, УНАСУР, зборува за „непријателско и недозволено однесување“. За денеска е планирана нејзина итна вонредна седница. Боливиската влада ги обвини САД дека извршиле притисок врз европските земји поради потрагата по екс-американскиот агент Едвард Сноуден.

„Тоа беше отворена провокација кон целиот континент, не само кон претседателот. Тие го искористија агентот на северноамериканскиот империјализам, за да ни се закануваат“, рече Моралес пред стотина
приврзаници, кои го пречекаа на аеродромот во Ла Паз.
„Жалам што морам ова да го кажам, но некои европски земји треба да се
ослободат од северноамериканскиот империјализам“, изјави претседателот на
Боливија.

Боливискиот заменик-претседател Алваро Гарсиа исто така обвини - Моралес „беше киднапиран од империјалистичките сили во Европа“. Парламентот во Ла Паз подготвува иницијатива за протерување на амбасадорите на Франција, Италија, Португалија и Шпанија, а случајот Боливија сака да го изнесе и пред Комисијата на ОН за човекови права.

Обвинувањата дека американскиот екс-агент Сноуден се наоѓа во авионот на Моралес се покажаа како неточни. Компјутерскиот експерт кој ја обелодени американската програма за прислушување и надгледување на телефонските и интернет комуникации, Призма, по бегството од САД преку Хонгконг веројатно се‘уште се наоѓа во транзитната зона на московскиот аеродром Шереметјево.