1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Франција: Дури и селото-претскажувач не дава прогноза

Во селото Донзи најголем број гласови на претседателските избори редовно добива кандидатот кој на крајот победува во цела Франција. Но годинава изгледа дека ни во Донзи не се осмелуваат на прогнози.

Селото Донзи се наоѓа во централна Франција и изгледа како од бајка. Но она што го прави навистина посебно е фактот дека во изминатите 30 години тука на изборите секогаш најмногу гласови добивал токму кандидатот кој потоа станувал и претседател. Фредерик Кудре веќе 20 години живее во Донзи, каде што има фарма за одгледување на гуски. За атмосферата во ова посебно село вели: „Тука никогаш не владеело толку лошо расположение“. Тој вели дека сѐ повеќе се шири безнадежност: „На луѓето им е доста од сѐ, сите се бунат. Тие сакаат нов претседател. Тука, на село, многумина имаат чувство дека политиката ги заборавила.“

Разочарани од политичката елита

По петгодишниот мандат Франсоа Оланд е најнепопуларниот претседател кој Франција некогаш го имала. Според анкетите, ужива доверба кај помалку од петтина од Французите. Тој не исполни многу предизборни ветувања, а тука се и неговите бројни приватни и финансиски скандали. Францускиот економски раст со 1,1 насто во 2016 година се наоѓа далеку под европскиот просек. Стапката на невработеност е и натаму 10 отсто. Оланд го критикуваат и од левата и од десната страна: за левицата е премногу пазарно ориентиран, а за десницата неговите реформи не се далекусежни.

Фредерик Кудре сега надеж полага во Емануел Макрон. Овој поранешен министер за економија е независен кандидат на движењето „Ен Марш!“ и има добри шанси за влез во вториот круг на изборите на 7 мај. „Макрон ги обединува гледиштата на левата и на десната група. Освен тоа, изгледа дека тој е единствениот кој јасно се залага за ЕУ која ни овозможи 70 години мир“, објаснува Кудре. Го изненадува тоа што многу негови соселани признаваат оти ќе гласаат за ултрадесничарскиот Национален фронт.

Frankreich Reaktionen Präsidentschaftswahl im Dorf Donzy (DW/L. Louis)

Фредерик Кудре ќе гласа за Емануел Макрон

Има ли Ле Пен шанси?

Еден од симпатизерите на претседателката на Национален фронт, Марин Ле Пен, е Жак Буе, кој исто така има фарма за гуски. Овој 43-годишник вели дека му е веќе доста од скандали од политичката елита. Најнов е оној поврзан со конзервативниот кандидат Франсоа Фијон. Тој на својата сопруга и деца им исплатил милион евра од државната каса за работи за кои ни денес не е јасно дали се воопшто извршени. Тоа Фијон го чинеше водството во анкетите. „Одвратно е тоа што се случува во политиката“, јасен е Буе и истакнува дека тој напорно работи за да ги финансира политичарите. „Мораме да пробаме нешто ново. Треба да пробаме со Марин Ле Пен. Тоа го велам јавно без срам“, решителен е Буе.

Но и Ле Пен е вмешана во скандали. Нејзината партија наводно плаќала соработници со пари од ЕУ. Ле Пен тврди дека е жртва на естаблишментот кој сака да ја уништи. Многумина ѝ веруваат, па така и Буе. Според истражувањата на јавното мислење, Ле Пен без проблем ќе влезе во вториот круг на претседателските избори. Но во вториот круг ѝ се предвидува пораз.

Frankreich Reaktionen Präsidentschaftswahl im Dorf Donzy

Жак Буе е за Марин Ле Пен

Донзи - Франција во мало

Но населението во Донзи не им верува на анкетите и потсетува дека прогнозите беа погрешни и за референдумот за Брегзит и за американските претседателски избори. Предвидувањата не се исполнија дури и на прелиминарни избори за претседателски кандидати на француските партии.

Може ли селото Донзи со своите 1.500 жители на крајот да биде показател на исходот на претседателските избори? Претседателот на општината Пол Жакоб смета дека може: „Ние по правило избираме онака како што избира цела Франција. Тоа е така затоа што луѓето тука го претставуваат францускиот селски начин на живот, обичаите, традицијата. А и уделот на стари избирачи кај нас е ист како и на ниво на државата“. И покрај големата поддршка за Марин Ле Пен од неговите соселани, Жакоб не верува во нејзината победа: „Мислам дека нашиот т. н. републикански фронт ќе функционира како и секогаш: во вториот круг ќе се предомислат и на крај ќе гласаат против Ле Пен.“ Тој мисли дека ќе победи Макрон или Фијон.

Frankreich Reaktionen Präsidentschaftswahl im Dorf Donzy

Сесил Креверас е неодлучна

Ништо не е сигурно

Значи, во Донзи исходот на претседателските избори е неизвесен. Тоа го забележува и Сесил Креверас, пензионерка чие семејство веќе со децении живее во тоа село: „Целата предизборна кампања е загрижувачка и изненадувачка. Како што сега стојат работите, изгледа дека ниту еден од етаблираните кандидати нема да влезе во вториот круг.“ Креверас додава: „А ни телевизиското соочување на кандидатите не донесе поголема сигурност. Подобро не ме прашувајте кој предлог од кој од 11 кандидати всушност потекнува!“

Француското претскажувачко село овојпат може да не успее. Сесил Креверас е сигурна оти многумина соселани оваа година ќе се одлучат во последната секунда. И тоа тогаш кога веќе ќе стојат во ред пред едно од најпознатите избирачки места во Франција - во Донзи.

DW.COM