1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Франција - битка за правата на хомосексуалците

Францускиот парламент, по мамутска дебата, со јасно мнозинство даде зелено светло за истополови бракови. На хомосексуалните парови законот им овозможува и адопција на деца. Законот треба да мине уште една пречка-Сенатот.

„Мамо, помирисај, добро ли е? И ти мамо помирисај“, вели малиот Фердинанд. За него и неговиот поголем брат Виржил е сосем нормално што имаат две мајки. Нивните родители се лезбејки.

Беатрис ги посвои момчињата како самохран родител, а не заедно со пријателката Кати. Така посвојувањето е сосем легално, додека за хомосексуални двојки во Франција не е дозволено. Тоа треба да се промени - важен чекор, сметаат двете жени. Прикривањето тогаш многу ги оптоварувало, оти не смееле да кажат дека се пар и сакаат деца.

„Да, тоа навистина не беше убаво време. Ние се решивме како двојка, заедно, а не јас самата. Беше многу фрустрирачки, морав да кажам: ’Да, сакам дете’, а не можев да кажам: ’НИЕ сакаме дете’. Беше многу чудно, како Кати да не припаѓа тука“, објаснува Беатрис.

Еднакви права за хомосексуалните парови - тоа е предизборно ветување на францускиот претседател. Но, двете лезбејки стравуваат дека од актуелната дебата нивните деца можат да бидат повредени и навредени. Тие најмногу сакаат до двете момчиња да не допре ништо од тоа.

Paris Demonstration für Homo-Ehe

Хомосексуалците сметаат дека не им ги одземаат правата на хетеросексуалците

„На радио некој рече: ’Вистинското семејство го сочинуваат татко и мајка’. Јас веднаш го исклучив радиото, но Виржил ме праша: ’Мамо, го слушна ли ова? Каква глупост’“, објаснува Кати.

На 40-ина километри од Париз, семејството Ронсен на ова гледа сосем поинаку. Според Александра и Арно, обајцата католици, едно семејство може да се состои само од мајка, татко и деца. Против природата е хомосексуалци да одгледуваат, дури и да посвојуваат деца, сметаат тие.

„Најважното во општеството е заедницата меѓу маж и жена, единството меѓу нив. Само тие можат да му ја даде вистинската рамнотежа на едно дете“, вели Арно Ронсен.

„Еден татко, една мајка - тоа е елементарно“ - извикуваа Александра и Арно со многу други демонстранти во Париз. Тие се мобилизираа против плановите на владата. Учесниците во најголем дел се конзервативци, а има и претставници од политиката и од католичката црква. Многу од нив можат да прифатат брак меѓу гејови или лезбејки, но не и тие да посвојуваат деца или вештачки да се оплодуваат.

„Двајца мажи или две жени не можат на децата да им го пренесат тоа што вистински им треба“, вели една Французинка.

„Сосема е едноставно - маж и жена се создадени за тоа да имаат деца и да стапат во брак“, нагласува друг Французин.

„Хомосексуалците не се семејство. Што е за вас семејство? Луѓе кои се сакаат - тогаш имаме различни дефиниции за семејства“, смета еден француски граѓанин.

Не се подобни за одгледување деца? Поддржувачите на законот гледаат поинаку. И тие излегоа на улиците во Париз, борејќи се за еднакви права за хомосексуалните парови. Планираниот закон предвидува тие да можат да посвојуваат деца и да стапуваат во граѓански брак. Вештачко оплодување, првично предвидено, сепак нема да биде дозволено.

Paris Demonstration für Homo-Ehe

На улица излегоа и поддржувачите и противниците на законот

„Нема основа само затоа што сум геј да немам исти права“, нагласува еден француски хомосексуалец.

„Не сум животно, како што некои сметаат. Јас сум граѓанин, плаќам даноци и воопшто не сфаќам зошто треба да бидам граѓанин од втор ред“, вели друг Французин.

И Беатрис и Кати беа на демонстрации. Тие не можат да го разберат стравот на противниците од изедначување на нивните врски со оние на хетеросексуалните парови.

„Луѓето велат - не сме хомофоби, но сме против хомосексуалците. Тоа постојано се слуша. Ова не го разбирам, бидејќи ако се усвои законот нема ништо да се промени во животот на хетеросексуалците. Ние ним ништо не им одземаме и можат сосема нормално да продолжат да живеат“, објаснуваат двете лезбејки.

Растат ли деца со две мајки или двајца татковци поинаку, им недостига ли нешто за развојот? Детскиот психијатар Стефан Надо, во студијата за деца од истополови партнерства, го истражувал однесувањето на деца на возраст меѓу четири и 16 години. 

„Прашањето е дали децата од истополови бракови се почесто или поретко болни, страдаат ли повеќе од другите деца, дали се посреќни? Не, нема разлики, тоа не може да се каже“, вели детскиот психијатар Стефан Надо.

Две семејства, две различни гледања: за едните, семејство е класичниот модел татко-мајка-дете, а за другите две мајки плус деца е сосем нормална работа. Но, тие имаат и нешто заедничко - ги сакаат своите биолошки и посвоени деца и сакаат тие да пораснат заштитени. Двете всушност се идеални семејства.