1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Франција: Безглаво пред изборите

Четири кандидати пред првиот круг на претседателските избори во Франција имаат речиси еднакви шанси. Многу Французи сѐ уште не знаат кој правец да го фатат, коментира Барбара Везел.

На неколку дена пред првиот круг на изборите, состојбата во Франција е толку збунувачка што и германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер се одважи претпазливо да се вмеша: тој предупредува од опасноста од победата на десните популисти, чии сирени ѝ ветуваат на Франција светла иднина, но и напуштање на ЕУ. Токму во Берлин со запрен здив се чекаат резултатите од првиот круг на претседателските избори. Конечно, од тоа зависи иднината на ЕУ, благосостојбата, мирот, заедништвото и многу други потценети добра.

Растот на екстремистите

Во првиот круг одлуките се носат со срце, а во вториот - главно со разум и тоа јасно се наведува во појаснувањето на францускиот изборен систем. Токму на тој начин, францускиот изборен систем се штити од влезот на екстремисти во претседателската палата. Само што, во меѓувреме, метеорскиот раст на стариот комунист Жан-Лук Меланшон ја прави реална констелацијата во која тој во вториот круг на изборите ќе ѝ се спротивстави на кандидатката на деснопопулистичкиот табор Марин Ле Пен. За кого ќе се одлучат Французите кои размислуваат политички? Она што до пред неколку недели делуваше невозможно, сега се помести во зоната на можното.

Успехот на Меланшон покажува дека многу Французи во меѓувреме тежнеат кон радикално решение. Се чини дека им е помалку важно да најдат практично решение за нивните проблеми, а повеќе важна е силната идеологија која им ветува славна, глорифицирана иднина. Како инаку да се објасни податокот дека Ле Пен и Меланшон во анкетите заедно имаат преку 40 отсто поддршка.

Радикалната левица ги мами Французите со паролата „Франција во бунт“ и ветува дека ќе ги напушти ЕУ и НАТО, ќе ја ренационализира индустријата и ќе воведе политички и економски модел, кој го отфрла финансискиот капитализам. Како би можело нешто такво да функционира во Европа по падот на комунизмот, останува отворено. Она што го разликува Меланшон од Ле Пен е идејата за интернационализмот, за која недостасуваат партнери.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*

Барбара Везел


Кандидатката на „Националниот фронт“ игра на картата на патриотизмот. Нејзиното мото гласи: „Прво Франција“, но нејзината економска програма речиси не се разликува од програмата на радикалната левица. Имаат дури и слични слогани и изборни ветувања. „Надвор од ЕУ и НАТО, национализација на индустријата“- за многу гласачи, кои не се во состојба да диференцираат, тоа е примамливо.

Средниот слој врие

Во целата констелација, единствена надеж за европските соседи, но и за младиот француски граѓански слој е Емануел Макрон. Тој е проевропски настроен. Се залага за прогресивна либерална економска политика, со која би го реформирал францускиот систем. На почетокот Макрон имаше голема поддршка, но во меѓувреме анкетите го покажуваат неговото гласачко тело како променливо и непостојано. И конечно, како кандидат за претседател во игра и натаму е и кралот на скандалите Франсоа Фијон. Тој има поддржувачи во селските средини, кои му остануваат верни и покрај сите истраги кои му се закануваат. Тие гласачи се убедени конзервативци кои веруваат во реформскиот курс на Фијон - а ла Тачер. За социјалистите, се чини, неприфатливо е да го бираат овој десно ориентиран конзервативец во вториот круг на изборите. Не се знае ни дали воопшто ќе стигне до вториот круг, што само по себе за Франција претставува политички земјотрес.

За загрижените набљудувачи и соседи постои само една надеж: Французите да ја потиснат својата склоност кон идеологии и уште во првата рунда да бираат со разум. Дотогаш не преостанува ништо друго освен запрен здив и со полна надеж да се верува дека Французите сепак ќе тргнат по патот на Австријците и Холанѓаните и ќе му кажат „Не!“ на екстремизмот.

 

DW.COM