1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Франсоа Оланд во ќорсокак

Милиони невработени, драстично намалување на буџетот, Франција веќе беше навлезена во голема криза кога изби аферата за затајување данок за министерот за буџет Каузак. Новиот претседател засега не наоѓа излез од кризата.

„Од аферата Каузак Французите се сомневаат и во Франсоа Оланд, во неговиот авторитет и кредибилитет како претседател“, вели Гијом Рокете, новинар на весникот „Фигаро“. „Ако Оланд во следните неколку недели не придвижи некоја поголема политичка иницијатива, ќе бидеме соочени со владина криза“.

Бројките се навистина застрашувачки. Само околу една четвртина од Французите и натаму имаат доверба во претседателот. Оланд ја губи поддршката на левицата, зелените и сопствените социјалисти. Конзервативната опозиција е се’ поагресивна.

Тоа воопшто не е добра почетна основа за структурните промени кои Оланд планира да ги спроведе уште годинава. Пазарот на трудот треба да се реформира, пензискиот систем и семејната политика, исто така. Се’ се тоа големи теми. Но, прашање е дали гласачите тоа ќе го поддржат. Веќе во 2014. во земјата се одржуваат локални избори.

„Политички, сега најпрво ќе следи бес и гнев на даночните обврзници. Тоа се луѓе кои прифатиле да платат данок, бидејќи веруваат во системот. Но, денес по аферата со Кајузак луѓето веќе не веруваат во даночниот систем и може да се

Jerome Cahuzac Politiker Frankreich

Жером Каузак

очекуваат протести, веројатно не насилни, но жестоки протести“, вели историчарот Макс Гало.

Неуспех на социјалдемократскиот модел

Со еден, на брзина напишан закон за морализација на политиката, Оланд ги повика министрите да ја објават својата имотна состојба. Но за многумина, таа иницијатива е само уште еден доказ дека нивниот претседател е човек кој не ги држи работите под контрола, туку само реагира.

И како национален и како европски политичар Оланд е послаб од било кога, смета Кристоф Барбие од неделникот „Експрес“. „Тој сакаше да биде симбол на реновираната социјалдемократија. Силната влада и интервенционизмот според потребите на бизнисот, со левичарска даночна политика. Социјалдемократијата „а ла Оланд“ не успеа. Французите не ја прифатија, никој во Европа не го презема тој модел. Накусо, Оланд е во ќорсокак“, вели Барбие.

И покрај се’, Оланд не мора да стравува од револуција во Европа, ниту од криза на владата во Франција. Силната позиција на претседателот која е гарантирана со Уставот му овозможува да продолжи да владее, да плива низ кризата на доверба и да се надева на подобри времиња.