1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Франк-Валтер Штајнмаер- значаен соговорник за Македонија и за проширувањето?!

Германската надворешна политика и со новата влада застапува континуитет. Старо-новиот шеф на дипломатијата Штајнмаер ќе биде значаен соговорник за Македонија и за проширувањето, изјави за ДВ аналитичарот др.Оливер Шварц

Од вчера, Германија има нова влада во која Франк-Валтер Штајнмаер е старо-новиот министер за надворешни работи. Дали повторното доаѓање на еден социјалдемократ на чело на Сојузното министерство за надворешни работи ќе донесе поповолна политичка атмосфера за македонската ЕУ интеграција, за ДВ коментира др. Оливер Шварц, познавач на Западниот Балкан и експерт за европска политика од Универзитетот Дуизбург-Есен.
„И со новите персонални промени во новиот кабинет, се застапува - континуитет. Од 2005. до 2009. година, Франк-Валтер Штајнмаер го водеше министерството за надворешни работи. Верувам дека Македонија и агендата за проширување во Франк-Валтер Штајнмаер добиваат значаен соговорник. Од него не може да се очекуваат некакви изненадувања.Тој е доверлив партнер, кој ја познава и македонската влада, зашто неговиот поранешен мандат се поклопуваше со првиот на премиерот Груевски. Значи, има континуитет и веќе постоечките контакти сигурно можат да бидат корисни за Македонија“, истакува др. Оливер Шварц. Тој, меѓутоа подвлекува дека ангажманот на Штајнмаер околу проширувањата и Западниот Балкан многу ќе зависи од тоа во колкав обем првиот дипломат ќе може да ја застапува европската политика? Зашто таа - европската политика, била и натаму ќе биде домен на Ангела Меркел. Европската агенда, како наведува др. Шварц е детерминирана и од

Dr. Oliver Schwarz

Првиот дипломат може да посредува, но не во првите редови! Др.Оливер Шварц

финансиските прашања, што значи зборот на Волфганг Шојбле и во наредниот период ќе има голема тежина. Понатаму, не помалку важна е и одбранбената политика која ѝ е доверена на Урсула фон дер Лајен, а со Герд Милер - добро е екипирано и министерството за развој.
„ Затоа, и се поставува прашањето: што ќе може во европската политика во наредниве години да направи Франк-Валтер Штајнмаер?“, подвлекува др. Оливер Шварц.

Проширувањето продолжува!

Иако проширувањето не е приоритет на агендата на наредното грчко претседателство со Европскиот совет, соговорникот на ДВ е категоричен дека оваа тема постојано ќе се наметнува. Дотолку повеќе што и на претстојниот Европски совет (19 и 20 декември) за ова ќе дискутираат шефовите на држави и влади.
„Стравувам дека и оваа година нема да има пробив во пристапните преговори со Македонија. Позитивен сигнал за проширувањето е расположението уште в петок, на 20 декември или најдоцна на 21 јануари 2014, да се отворат пристапните преговори со Србија. Едновремено има многу критичен сигнал за Албанија. Комисијата со извештајот од 2012 предложи кандидатски статус. Проблем е што холанската влада има одлука од нејзиниот парламент да не даде согласност за предлогот на Комисјијата. Значи, Холандија ќе стави вето за Албанија“, објаснува др. Шварц.

Посредништво од вторите редови!

Со оглед на најавите за повторна блокада за Македонија го прашуваме др. Шварц: до кога може да трае ваквата статус - кво состојба? Дали де факто непризнавањето на постигнатото е закана за назадување во реформите и евроскептицизам кај македонските граѓани кои најмногу се погодени од застојот во интеграцијата?

Merkel und Steinmeier 2007

Меркел ја диктира и европската надворешна политика. Ќе се избори ли за свој простор Штајнмајер?


„Ова вечно нема да функционира. Уште сега сме на границата – времето до формалната покана разумно да се организира. Напорите на Комисијата да има разговори на високо ниво и некакво меѓу решение ја достигнаа својата граница. Ова значи дека наредната година Македонија ќе биде сѐ поприсутна точка во европската политика на проширувањето и Европската унија ќе мора со неа да се занимава. Политиката на проширување севкупно се судира со проблемот на кредибилитет. Веродостојноста на Унијата е под севкупна закана. И во овој дел Франк-Валтер Штајнмаер може да постави свои многу специфични акценти. На пример, ја сметам за многу охрабрувачка средбата на канцеларката Меркел со преговарачот во спорот со името Метју Нимиц. Овие контакти верувам дека ќе продолжат и од страна на новиот шеф на дипломатијата. Во најдобар случај Франк- Валтер Штајнмаер може да одигра некаква посредничка улога“, смета др. Шварц.
Може ли навистина Штајнмајер да биде посредник во македонско-грчкиот спор со името или еден министер за надворешни не смее да се инволвира во вакви билатерални проблеми?
„Франк Валтер Штајнмаер не го гледам како официјален посредник, иако има одлични познавања за Западниот Балкан и бил вклучен во раните фази од внатрешно-политичките прашања на претходните проширувања. Би го замислил и како посредува, но не во првите редови! Во минатото се покажа дека вклучувањето на Европската унија придонесува за побрзо решавање на билатералните проблеми. Според мене, за Македонија многу работи ќе зависат од европските избори и од составот на новата комисијата (наредната пролет н.з.). Поточно, кој ќе ја наследи Кетрин Ештон? Сметам дека тоа се личностите кои би биле интересни да се вклучат како посредници во решавањето на спорот со името меѓу Македонија и Грција“, заклучува во разговор за ДВ, др.Оливер Шварц од Универзитетот Дуизбург – Есен.