1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Франкфуртската берза - магнет за кинески фирми

Стремеж на мали и средни фирми од Кина е да бидат нотирани на берзата во Франкфурт. Но, првичното воодушевување за нив спласна, инвеститорите сега се повоздржани, бидејќи фирмите кои котираат на берзата бележат загуби.

Фирмата Хаикуи Сифуд АГ на муштериите во Кина и ширум светот им нуди преку 100 различни видови риби, ракови и други морски продукти. Претпријатието годинава реши да оди на берза, и тоа во Франкфурт на Мајна - 9000 километри западно од своето седиште, на островот Донгшан во кинеската провинција Фуџијан.

„Германската берза извонредно добро се презентира. Во изборот на јазици на нејзината интернет-страница стои дури и кинески јазик, па можеме директно да видиме кои документи се потребни за да се пласираме на берзата, како се одвива тој процес и кои банки се специјализирани за Кина“, вели Ален Џеј, член на Управниот одбор на Хаикуи Сифуд, надлежен за финансии.

На берзата во Франкфурт се нотирани дури 33 фирми од Кина, 10 од нив во строго регулираниот сегмент „Прајм стандард“, во кој прво кинеско претпријатие, уште во 2007. година, беше ЖонгДе Вејст Технолоџи АГ, специјализирано за постројки за согорување на смет. Од 15. мај годинава таму е и Хаикуи Сифуд, кое на тој ден ги издаде првите акции.

China Frankfurter Börse

Ален Џеј

Привлечната сила на Франкфурт

За средните приватни кинески претпријатија берзата во Франкфурт не е привлечна првенствено поради освојување на европските пазари. „На кинеските берзи нема многу шанси за средните претпријатија воопшто да бидат нотирани“, вели баронот Мориц Шенк, експерт за Кина во консултантската фирма КПМГ. „На берзите во Шенжен и Шангаи постои строга регулатива во однос на големината на претпријатијата; помалите не се толку релевантни за оние, кои одобруваат нотирање“.

Покрај тоа, многу е голема бројката на кинески претпријатија што сакаат да се појават на берза. Притисокот е толку силен, што за среден претприемач не е едноставно да добие дозвола. Тоа нема никаква врска со квалитетот на претпријатието, вели консултантот Шенк.

Ален Џеј ги наведува брзата постапка, транспарентноста и јасните услови како причини зошто Хаикуи Сифуд се реши да оди на берза во Германија. Франкфурт уште нешто го издвојува од другите европски берзи: „Малите и средни претпријатија во оваа земја ги сметаат за срце на германското стопанство. Овде има многу инвеститори кои ги познаваат предизвиците на таквите фирми и го разбираат нивниот деловен модел“.

Консултантот Шенк смеа дека и германската берза, како и кинеските претпријатија нотирани кај неа, обострано профитираат од тоа: „Поинакво е реномето, ако можеш да укажеш на тоа дека не само што си успешен понудувач на морски продукти во Кина, туку си и нотиран на некоја странска берза“. Франкфурт, пак, од присуството на кинески фирми, добива на значење кај инвеститорите, вели Шенк.

Инвеститорите се скептични

„Кинески пазар во подем“ - овој волшебен поим долго време воодушевуваше многу вложувачи за се’ што доаѓаше од Кина. Но, во меѓувреме инвеститорите се отрезнија, оти кинеските фирми, нотирани на франкфуртската берза, во најголем дел бележат загуби. Најголем волумен на емисии на акции имаше пионерот, ЖонгДе Вејст Технолоџи АГ, со повеќе од 108 милиони евра. Од тогаш тие акции загубија 90 проценти од првобитната вредност. „Кинеските фирми не се развиваа посебно атрактивно, а имаше и по некој скандал со билансите на кинеските претпријатија нотирани на странски берзи“, вели консултантот Шенк. ЖонгДе Вејст Технолоџи АГ го одложи објавувањето на билансот во Германија - такви вести не создаваат доверба. Друга слаба точка, според Шенк, е недоволната комуникација меѓу вложувачите и раководство на претпријатието. така опадна расположението да се инвестира во се’ што доаѓа од Кина и фирмите од таа земја сега ќе мораат да бидат поуверливи.

Мали и средни кинески фирми и натаму покажуваат интересирање за настап на берзата во Франкфурт; за големите концерни се интересни Шангај и Шенжен, оти тие таму не мора долго да чекаат.