1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Фрагилната Либија тоне во хаос и анархија

Речиси 2 години по соборувањето на режимот на Моамер ел Гадафи Либија сѐ уште не ги надмина случувањата од минатото. Отворените рани и постојаните конфликти ја загрозуваат стабилноста на оваа млада демократска држава.

Фатима Тајар, чии син загинал за време на револуцијата е лута. „Зошто гинеа нашите синови? Освен знамето и националната химна ништо не се смени“, вели Фатима. Вафла Киантри го има само уште десетгодишниот син. Неговите петмина постари браќа владините трупи во 2011. година ги одведоа на непознато место. Таа се надева дека тие и натаму се живи и оти се наоѓаат в затвор од другата страна на границата.

Жртвите на режимот на долгогодишниот властодржец во Либија Моамер ел Гадафи, борците во текот на револуцијата и воените бегалци сметаат дека ги издала демократски избраната влада. Барањата за поголема правда наидуваат на суровата реалност во која на одлучувачките места се наоѓаат лица од стариот режим кои само ги забавуваат судските процеси. Борбата за власт предизвикана со револуцијата ја подели земјата. Мислењата за Гадафи се различни.

Црно-бели размислувања

Најголемиот дел од населението е песимистично. Младите продолжуваат да живеат. Меѓутоа, и тие носат дел од товарот. 27-годишниот Махмуд е социјален работник. Тој смета дека образовниот систем е главна причина за тоа што кај младите нема животни цели и претстави за нивната иднина. Тој мисли дека старомодните образовни методи и манипулации водат кон незнаење. „Требаше да почнеме од нула. Иако се заменети наставните материјали за историја и за социологија, црно-белите размислувања останаа“, вели Махмуд.

Недоразбирањата денес во Либија сѐ почесто се решаваат со оружје отколку со зборови. Членството во вооружените милиции на младите им дава чувство дека се признаени и прифатени. Поради недостаток на работа, многу не сакаат да се вратат во цивилниот живот. Примирјата постигнати во конфликтите на различни племиња во неколку места се прекршени бидејќи постарите претставници на тие племиња немаат контрола над младите. Полицијата е немоќна така што вооружените групи спроведуваат „ред и мир“.

Правосудството сѐ уште не функцонира

На 19. септември започна судски процес против 37 поранешни членови на владата, меѓу кои се и синот на Гадафи, Саиф-ал Ислам и поранешниот шеф на тајната служба Абдулах Сенуси. Овој процес се смета за важна етапа во соочување со минатото. Пораката е дека без правда нема ни мир. Пред Либијците се важни задачи кои треба веднаш да се решат.

I

Саиф ал Ислам Гадафи, синот на Моамер ел Гадафи

„Што ни носи трибуналот за воени злосторници, кога злосторства се извршуваат секојдневно?“, прашува Хамед кој вели дека како чувар во хотелот Риксос во Триполи лично доживел киднапирање.

Од почетокот на револуцијата во Бенгази се извршени над 70 политички убиства. Владата моментално не е во состојба да ги гони сторителите и да ги штити сведоците.

Либијскиот премиер Али Зејден, притиснат од сите страни, неодамна најави национален мировен процес во кој би требало да бидат вклучени сите интересни групи и од кој би требало да произлезе начелен договор во земјата. Многумина се скептични во успехот на нејасно напишаниот проект. Некои сепак велат дека за „посакуваниот мир вреди трудот“.