1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Фотографска сцена- има, но публика и третман- недоволно

Сцена- има, автори- сè повеќе, но недостига подобар третман на фотографската уметност. Прашањето, дали фотографијата е на маргините на културното живеење? се тематизираше на изложбата „Денови на македонската фотографија“

„Фотографијата го нема местото што го заслужува во културното живеење во Македонија, но не би рекол дека фотографската сцена е замрена. Побргу би рекол дека таа е доста шаренолика. Има Македонски центар за фотографија, независни групи и автори, форуми на интернет, креативци и дизајнери кои на фотографијата ѝ приоѓаат на нетрадиционален начин, институции кои се грижат за историското богатство на фотографијата. Но, тоа не е доволно“, вели Драги Неделчевски од фотоклубот „Чкрап“ од Тетово, добитник на првата награда за колекција на фотографии. И не му е првпат да биде награден. Вели дека е „фотограф- аматер кој живее со фотографијата од 1978 година“.

Fotoclub in Mazedonien

Драги Неделчевски од фотоклубот „Чкрап“ од Тетово

„Фотографијата не е моето хоби или страст туку- мојот живот. Тоа е медиум преку кој креативно се искажувам, но лично, за мене е терапија, средство за борба со секојдневните проблеми“, ни рече Неделчевски во разговорот за ДВ.

Изложбата „Денови на македонската фотографија“ во организација на Фото сојуз на Македонија претставува пресек на актуелната домашна продукција- 50-тина автори, членови на фото клубови и самостојни автори од земјата (насловната: стара македонска фотографија Зафир Осаков, Битола околу 1930) .

Автентичност и оригиналност на македонската фотографија

Според Боро Рудиќ, фотограф и претседател на Фото сојуз на Македонија, авторите во Македонија најнаклонети ѝ се на амбиенталната фотографија и таа доминира на оваа годишна презентација, а во естетска смисла, македонската фотографија е автентична и оригинална.

„Она што е карактеристично за македонската фотографија во последните 40 години колку што сум јас во неа е авторскиот пристап. Во многу земји работат фотографија на одреден начин и не можете да направите разлика од автор до автор. На пример, она што сега е актуелно во Индија- кога ќе погледнете една фотографија не знаете дали е на еден или друг автор! Тие имаат еден т.н. копирајтски пристап на согледување и создавање на фотографија. Македонската фотографија остана имуна на тоа“, вели Рудиќ за ДВ.

Достапна технологија

Рудиќ смета дека фотографијата и нејзините креатори, повеќе не се на маргините како до пред 10 години, а и луѓето сè почесто си ги опремуваат домовите со фотографии.

„На Балканот и во источните земји, кога немаше строга поделба меѓу аматеризмот и професионалната фотографија како во западните земји каде што може да се живее од фотографија- таа беше потисната на маргините. Но, во последните 10 години фотографијата е присутна не само на изложбите. На пример, 'Денови на македонската фотографија' не е само една изложба, туку правиме уште четири. Потоа, ја имавме првата 3Г изложба во Македонија и покажавме дека со мобилен апарат можете да направите не добра фотографија туку, креативно дело. Сè зависи од индивидуалниот пристап на авторите“, објаснува Рудиќ.

Во Македонија не може да се живее од фотографија

Fotoclub in Mazedonien

Владимир Арсовски од фото клубот „Елема“ од Скопје

Владимир Арсовски од фото клубот „Елема“ од Скопје со фотографија се занимава 30 години. Како најкрупен труд во своето портфолио го запишува проектот „Amazing Macedonia“ во кој се влезени над 700 негови авторски фотографии.

„Јас повеќе се занимавам со „fine art landscape“ фотографијата каде што мора да се направи концепт, да се познава локалитетот каде што се снима, временските и климатските услови и потоа се 'лови' моментот на светлината што треба да ја долови идејата на фотографијата“, ја објаснува својата работа Арсовски. Иако има финансиска добивка од продавањето на фотографиите вели дека тоа не е доволно за живеење.

„Чувството е фантастично- кога ќе се роди едно дело кое ќе биде испринтано во голем формат и кога некој ќе посака да го купи и да го стави во својот дом“, вели Арсовски и додава „третманот на фотографијата од страна на културните институции треба да е поадекватен, за авторите да бидат постимулирани за работа“.

Фотографијата ја загуби својата аура - и во светот

Во потрага по публика и во услови на ретки објави на критичко вреднување на домашното фотографско творештво, „фотографијата не само кај нас, нема значителен придонес како автономен медиум туку повеќе во контекст на концептуалната уметност“, вели Валентино Димитриовски, историчар на уметност и истражувач на македонската фотографија.

„Како автономен медиум, фотографијата ги загуби својата аура и автентичност. Кај нас само неколкумина автори ја користат во одреден концепт. Сметам дека нема нешто релевантно создадено во фотографијата ни во светот- исто како што замираат сликарството и другите класични уметности. Класичните дисциплини одамна не се во „игра“. Ова е историски неповратна појава...“, објаснува Димитриовски.