1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Формула 1 требаше да го одбегне Бахреин

Одлуката, трката во Бахреин во Формула 1 да се одржи, и покрај затегнатата состојба и протестите во земјата, е голема антиреклама и за тамошната влада и за Формула 1, оценува Даниел Шешкевиц.

default

Државата во која викендов гостуваат болидите од Формула 1 циркусот е длабоко поделена. Од почетокот на протестите минатата година загинаа повеќе од 50 луѓе. Кралот на Бахреин Хамад Бин Иса Ал Калифа, инаку Сунит, прогласи вонредна состојба и брутално ги задуши протестите на мнозинските Шиити.

Деновиве повторно се протестира против владејачкиот режим и кралското семејство. Демонстрациите воглавно се одвиваат во руралните предели и надвор од главниот град Манама. Опозицијата наведува дека овие протести не се насочени против гостите од Формула 1, туку против режимот кој со организацијата на трката сака да излезе од меѓународната изолација. Тоа сепак не го спречува државниот апарат да употреби и оружје против демонстрантите. Трката, дополнително, и дава на полицијата можност за цинично образложение според кое демонстрантите мора да се држат подалеку од тркачката патека, за да се обезбеди безбедноста на учесниците. Со денови во оваа мала, но стратешки важна земја се вршат масовни апсења.

Омаловажување на човековите права

Оттука одржувањето на ваква спортска манифестација под овие околности може да се нарече омаловажување на човековите права. Минатата година трката беше откажана поради протестите. Годинава Светската автомобилистичка федерација одлучи поинаку. Нивната зависност од парите на владејачката династија во Бахреин е очигледна. На тој начин организаторите му подаваат рака на еден диктатор.

DW Deutschland REGIONEN Daniel Scheschkewitz

Даниел Шешкевиц

Во изминатата година во Бахреин ништо не се промени на подобро. За крвавото задушување на востанието никој не одговараше. Националниот дијалог, кој беше покренат под притисок на меѓународната заедница, се претвори во фарса. Во Бахреин и натаму се кршат човековите права. За тоа се говори и во извештаите на Амнести Интернешнл објавени неделава.

Опозицијата, од друга страна, сака да ја искористи трката за да на светот да му го привлече вниманието кон тешките повреди на човековите права и неправдите во оваа земја. Колизијата на спротивставените интереси во Бахреин е практично однапред испрограмирана. Властите во Манама сметаат дека Формула 1 мора да се искористи за подобрување на имиџот на владејачката елита.

Надежите на организаторите на трката дека со одржувањето на еден голем спортски настан позитивно ќе влијаат врз состојбата со човековите права во Бахреин остана неостварена и кога беа во прашање други спортски настани. Па така, ни Олимписките игри во Пекинг не придонесоа многу за подобрување на состојбата со човековите права во Кина. Од таа гледна точка, Формула 1 требаше и оваа година во широк лак да го заобиколи Бахреин.