1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Формула 1: прва победа на Бразилецот Фелипе Маса

Во генерален пласман Алонзо ја зголеми предноста пред М. Шумахер. Шпекулации за скорешен крај на кариерата на седумкратниот светски првак

М. Шумахер: скорешен крај на кариерата?

М. Шумахер: скорешен крај на кариерата?

Фелипе Маса, вториот возач на тимот на Ферари, имаше челна позиција на стартот, ја искористи за да ја поведе колоната и не ја испушти до крајот на трката. На Големата награда на Турција во Истанбул Маса ги остави зад себе светскиот првак Фернандо Алонзо, возач на Рено, и својот тимски колега Михаел Шумахер. Алонзо велемајсторски го издржа притисокот на својот главен конкурент во последните 15 кругови од трката. Сега неговата предност пред постариот од браќата Шумахер во генералниот пласман на светското првенство изнесува 12 бодови, а до крајот преостануваат уште 4 трки. Во конкуренција на конструктори Рено има само два бода предност пред Ферари. Наредната трка е на 10-ти септември во Монца, Италија.

Во Истанбул многу прашина се крена по изјавата на шефот на формула еден Берни Еклстоун околу иднината на Михаел Шумахер. „Михаел е уште конкурентно способен, но тој веројатно веќе се реши да се повлече“, рече Еклстоун во интервју за телевизијата Премиере. Договорот на 37-годишниот Шумахер со Ферари истекува на крајот од годинава. Тој повеќепати најави дека своето решение ќе го објави во Монца на 10-ти септември. Во Истанбул вака ги прокоментира зборовите на Еклстоун: „Ако ни јас не го знам тоа, не може да го знае ни Берни“. Шефот на тимот на „Ферари“ Жан Тод го критикуваше Еклстоун поради шпекулациите. „Тој не знае ништо, нема ни увид“ рече Тод.