1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Формула еден дебитира во Кина – патеката проектирана од Германец

В недела во Шангај ќе се држи првата трка од светското првенство во автомобилизам формула еден во Кина – занимливост сама по себе, уште повеќе пак, бидејќи творец на патеката е германскиот архитект Херман Тилке.

Вака беше пред 2 години: свечен почеток на работите на изградбата на патеката во Шангај на 17.10.2002

Вака беше пред 2 години: свечен почеток на работите на изградбата на патеката во Шангај на 17.10.2002

Сите тркачки патеки за формула еден настанати во последно време се дело на Херман Тилке. Годинава, пред Шангај, премиера доживеа и патеката во Бахреин. Футуристичкиот мега-проект во Шангај чини 240 милиони евра, Тилке и неговите 120 соработници го реализираа за само 18 месеци, а долж патеката има места за 200 илјади гледачи. Специфично е што теренот се наоѓа во делтата на реката Јангцекјанг. “Откако точно простудиравме што всушност значи тоа, не фати ужас: тоа беше терен кој има 300 метри длабока кал. Се разбира, дека беше тешко врз тоа да се направи патека по која болидите ќе можат да возат со 300 километри на час. Целата патека ја поставивме врз 40 илјади колци. За да не биде преголем притисокот озгора, секоја угорнина ја направивме од стиропор, па го испразнивме кинескиот пазар за една ипол година” – раскажува архитектот Тилке.

Формула еден нема да ја заживее само потрошувачката на стиропор во регионот. Автоиндустријата таму гледа голем потенцијал бидејќи одвај секој 80-ти Кинез има автомобил; недалеку од патеката се сместени и германските автомобилски производители Фолксваген, Мерцедес и БМВ. На енормната предност за регионот укажува Штефен Хецингер, еден од иницијаторите за формула еден во Шангај: “Има работни места на самата патека – одговорни лица, техничари, секретарки – се‘ заедно приближно 1000 луѓе. Сите добри хотели се распродадени, сите летови од Германија кон Шангај се букирани, ефектот за имиџот е ненадминлив. За разлика од еднократноста на олимпијадата во Пекинг, формула еден и мотоциклистичкиот спорт се одржуваат секоја година; многу луѓе следењето на трката го поврзуваат и со минување годишен одмор во овој регион”. Пари се прават и со телевизиските преноси. Само во регионот на Шангај живеат 65 милиони луѓе.

Тилке објаснува дека од профилот на патеката зависи колку ќе бидат возбудливи трките: затоа морал да предвиди комбинации од кривини веднаш по стартно-целната рамнина, места за претекнување, места кои ќе нудат можност за грешки на возачите.

Додека болидите ќе татнат по новата патека, Херман Тилке одамна веќе се занимава и со наредниот голем проект, патеката во Истанбул, која треба да биде готова за наредната сезона. Бројот на трките во една сезона е ограничен на 17; значи, за да се воведе нова, треба да се исклучи некоја стара патека. Но, тој не е загрижен за својата иднина: “Тркачките патеки се спортски постројки и за нив секогаш има пари, се‘ едно од каде и да доаѓаат”.