1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Формула еден: втора последовна победа на Луис Хамилтон

Дебитантот во оваа сезона веќе се наметнува и како кандидат за титулата светски првак во автомобилизам формула 1. Ни фудбалот не е чист од допинг – откритијата за она што се случувало пред 20-ина години продолжуваат

default

Луис Хамилтон

Големата награда на САД во автомобилизам формула еден донесе втор последовен успех на 22-годишниот Луис Хамилтон од Велика Британија. Возачот на Мекларен Мерцедес, како и пред една недела во Канада, имаше пол-позиција на стартот и ја искористи таа почетна предност за победа. “Ова е навистина фантастична сезона. Уште од пред некое време бев подготвен за победа, прашање беше само кога и каде” – зборуваше Хамилтон по трката во Монтреал.

Пред 100 илјади гледачи во Индијанаполис докажа дека е навистина така. Сега се чини дека е тој подготвен дури и на јуриш, во својата прва сезона во формула еден, веднаш да атакува и на титулата светски првак. Во сите седум досегашни трки од првенството беше меѓу тројцата првопласирани, со втората последовна победа ја наголеми предноста пред колегата од тимот Фернандо Алонзо на 10 бодови: Хамилтон има 58, а двократниот светски првак, кој вчера беше второпласиран, 48.

Ферари досега не може да се носи со болидите на Мекларен Мерцедес – во Индијанаполис Маса беше трет, Рајконен четврти. Тие ги имаат истите позициии во генералниот пласман, при што Маса заостанува 19, а Рајконен 26 бодови зад водечкиот Хамилтон.

Втор јунак на вчерашната трка е Себастијан Фетел, чие име влегува во аналите на формула еден како најмлад возач кој освои бод веднаш во првата трка воопшто. Фетел, кој за две недели ќе наполни 20 години, во болидот на БМВ-Заубер го замени Полјакот Роберт Кубица, кому сепак медицинската комисија по спроведените тестови не му дозволи да стартува, иако практично неповреден го преживеа тешкиот удес во Монтреал и сакаше да вози. Малерозен ден вчера имаа нивниот колега од тимот Ник Хајдфелд, како и Нико Розберг од Вилијамс, кои поради дефекти мораа да се откажат при крајот на трката, а беа во позиција да освојат бодови.

Фудбал: Реал Мадрид ја освои титулата првак на Шпанија, но останува без Бекам

Во возбудливото првенствено финале Реал забележа победа над Мајорка, ја задржа челната позиција и ја освои 30-тата шампионска титула со ист број бодови колку што има и второпласираната Барселона. Натпреварот против Мајорка беше последниот во дресот на Реал за англискиот интернационалец Дејвид Бекам, кој опстојува врз намерата кариерата да ја продолжи во САД, во Лос Енџелес Галакси, и покрај сите обиди на Реал да го задржи во сопствените редови. “Уште пред 6 месеци најавив дека си одам од Реал Мадрид, кога во јануари реков дека нема да го продолжам договорот. Време беше да решам за мојата иднина. Многу е тешко да се напушти клуб како Реал Мадрид, многу ќе ми недостасуваат клубот и Шпанија, но имам јасна иднина и му се радувам на она што ми претстои” – рече Бекам уште пред последниот настап за славниот шпански клуб.

Магат: Волфсбург во иднина во борба за првото место!

Felix Magath verlässt Bayern München

Го напушти Баерн Минхен и сега е во Волфсбург

Во летната пауза за германскиот фудбал во фокусот на вниманието е поранешниот тренер на Баерн Минхен, 53-годишниот Феликс Магат, кој сега е истовремено тренер и спортски директор во Волфсбург. Магат најави дека сака тимот да го отргне од борба за опстанок и на подолг рок да го насочи кон борба за шампионската титула: “Кога веќе си бил првак, го посакуваш тоа повторно – тоа е мојата цел, што секако не ќе може да се постигне краткорочно. Волфсбург прво треба да се стабилизира и да побегне од долната третина на табелата, за на мир да може да се конципира иднината. Но на долг рок мора да оди кон врвот”.

Во двојната улога Магат гледа и шанса и одговорност: “Ми се нуди шанса да ги спроведам сопствените претстави за тоа како може да се постигне успех. Врз основа на тоа сакам и да ја мерат мојата работа. Тогаш ќе немам место за било каков изговор, оти самиот сум исклучиво одговорен за тоа како ќе му оди на Волфсбург во иднина на спортски план”.

Допинг во фудбалот – тоа досега во Германија беше табу-тема.

Doping, Urinproben

Колку германскиот фудбал е погоден од допингот?

Ѕидот на молчење го проби тренерот Петер Нојрурер, кој водеше повеќе прволигашки и второлигашки екипи. Тој обелодени дека во 80-тите години на минатиот век допингувањето било широко распространето, дека дури повеќе од половината играчи земале стимулативни средства, меѓу нив и репрезентативци.

Допинг-контроли во германскиот фудбал се вршат од 1988-ма година. Зошто постојано се тврди дека допингот и фудбалот не одат едно со друго? За ова Марио Тевис од допинг-лабораторијата на Факултетот за спорт во Келн вели: “Не треба да се запостави дека фудбалот е колективна игра, па оттука и претпоставката дека допингот таму можеби и не помага многу. Но, треба да се земе предвид и дека компоненти на модерниот фудбал се неверојатно голема сила и издржливост, па тука секако можат да бидат од значење и лекови за зголемување на способностите”.

Сојузниот тренер на германската репрезентација Јоахим Лев и многумина други тврдат дека допингот сега не е присутен во германскиот фудбал. Колку е тоа, според Тевес, реално? “Тешко е да се процени. Сега имаме релативно многу анти-допинг контроли во фудбалот, но речиси исклучиво во натпреварувачката сезона. А многу допинг-супстанци влијаат претежно во фаза на подготовки, при регенерација или рехабилитација по повреди. Тука има супстанци со потенцијал да бидат злоупотребени”.

Атлетика: фантастичен светски рекорд на Дефар


На митингот од таканаречената “Златна четворка” во Осло, олимписката шампионка Месерет Дефар од Етиопија го подобри за неверојатни 7,9 секунди својот досегашен светски рекорд во трчање на 5000 метри. Новото рекордно време е 14 минути, 16 секунди и 63 стотинки.

Светскиот рекордер во спринт Асафа Пауел истрча по 27-ми пат во кариерата под регуларни услови 100 метри за помалку од 10 секунди – резултатот во Осло беше 9 секунди и 94 стотинки.

Зоран Јордановски