1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Формулата за успешен бизнис во Македонија гласи...

Во турбулентните економски времиња се потврдува уште еднаш дека малите бизниси се најприспособливи кон тешкотиите и проблемите. Како успешните македонски претприемачи се справуваат со нив и како остваруваат добивки?

default

Фабриката Мирана во Велес

Отежнатите услови за работење во состојба на економска криза и во Македонија во 2010 година беа тест за издржливоста на претпријатијата и на менаџерските способности на нивните сопственици да се справуваат со финансиската неликвидност, бирократизираната администрација и со грамада други економски проблеми. Искуствата и успесите на двајца македонски менаџери се вистински примери како може и во неповолно стопанско опкружување не само да се опстане, туку со нови вложувања и да се зголемува добивката. Во изборот на Сојузот на стопанските комори на Македонија Зоран Мирсинов, менаџер во претпријатието за прехранбена дејност „Мирана“ од Велес, е прогласен деновиве како најдобар претприемач во категоријата „мали претпријатија“ во земјата.

Kasam Zendeli

Касам Зендели, сопственик на млекарницата Еко- Шар

Касам Зендели е сопственик на млекарницата „Еко – Шар“, една од оние ретки фирми во тетовскиот регион, која наместо минуси во финансиските биланси бележи развој, проширување на производството и отворање нови работни места.

Вклопување во условите на опкружувањето

Која е економската филозофија на Мирсинов?

Тој одговара: „Секогаш секоја фирма треба да се вклопува во условите во опкружувањето, во кои ќе работи. Не мора да значи дека подобрувањето на вкупното опкружување во една економија, во една држава, ќе значи автоматски и успех на една фирма. Опкружувањето не мора да им одговара на сите подеднакво.“

Која е формулата на успехот на Зендели?

Тој напоменува: „Нашата формула за успех е дека треба да се најдат начини да се издржи во овие турбулентни економски времиња со голема приспособливост и со други елементи, кои му се потребни на еден бизнис да опстои. Применувајќи ја ваквата формула, ‘Еко – Шар’ стартуваше во 1999 година со тројца вработени, додека денес има десеттина пати повеќе. Започнавме со преработка на 200 литри млеко дневно, а денес стасавме на 20 илјади литри дневно.“

Zoran Mirsin

Зоран Мирсинов менаџер на Мирана

Наместо скапи банкарски кредити - реинвестирање на добивката заради нов развој

Како „Мирана“ успева да отвора нови видици на својот развој? – го прашавме Мирсинов?

„За 2009 година имавме 412 илјади евра чист приход по оданочувањето. Најголемиот дел од овие пари ги вложивме повторно во фирмата и тоа е основата за нејзиното натамошното работење и раст. Со реинвестирањето на добивката ние ги одбегнуваме деловните банки, кои се на некој начин сопирачка со своите кредити за развојот на претпријатијата.“

Што ги мачи најмногу претпријатијата во земјата, според Зендели?

„Главниот проблем на претпријатијата е достапноста до парите, кои станаа скапи. Според сознанијата со кои располагам, како потпретседател на Стопанската комора за северозападниот дел на Македонија, во последно време е малку позголемен бројот на фирмите, кои одат под стечај. Голем проблем е и наплатата. Многу претпријатија си должат едни на други и таквите случаи завршуваат, но и заглавуваат во судовите. Денес е ризично да се работи со фирмите, бидејќи не се знае која во каква состојба е.“

Molkerei Ekosar

Млекарница Еко- Шар во Тетово

Сопствена формула за успех

„Мирана“ од Велес, која започна со работа во 1999 година, сега има 50 вработени. Оваа бројка ќе се зголеми значително по воведувањето три нови артикли во производствената програма, покрај маргарините, мајонезите и другите слични продукти. Со тоа палетата ќе брои околу 70 разни видови производи. „Еко – Шар“ во првите месеци од 2011 година ќе ја отвори својата нова млекарница во Крушево и ќе го зголеми трикратно своето годишно производство, но и за значителен процент постојната бројка од 35 вработени лица.

Зоран Мирсинов заклучува со следната порака до премиерот Никола Груевски и Владата: „Тие треба да продолжат да работат уште повеќе во интерес на стопанството. Во таквиот случај секој ќе се најде себе си во новите услови и ќе треба да создаде своја формула за успех. Досега беа донесени редица антикризни мерки со позитивни ефекти за малите и средни претпријатија, но и воопшто за целото стопанство, но со тие активности Владата треба да оди натаму. Посебно ги истакнувам „рамниот данок“ и ослободувањето од данокот на добивката, ако таа се реинвестира во фирмите, како што го правиме тоа ние во ‘Мирана’. Од оваа последна мерка јас сум особено задоволен,“

Малите и средни претпријатија се столбот на македонската економија: претставуваат 98 отсто од сите компании, вработуваат 78 од сите активно вработени лица и остваруваат 60 отсто од бруто домашниот производ. Многу поголемата државна поддршка за тие претпријатија, за приватните стопански иницијативи и претприемништвото, несомнено, може да биде еден од клучните предуслови за постоење и многу други успешни мали бизниси, според примерот на „Мирана“ и „Еко – Шар“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски