1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Фолксваген сака да стане најголем автоконцерн на светот

Тојота и Џенерал Моторс се‘ уште се во водство, но Фолксваген е со намера до 2018 година да ги претрка конкурентите и да стане автомобилски производител број еден во светот. Какви се шансите?

Динамиката е предност на Фолксваген - концернот и во претходната година забележа двоцифрен пораст. Обртот е зголемен за дури 20 проценти, а бројот на продадени возила за добри 10 проценти. Пораст се бележи во речиси сите региони во светот. Уделот на светскиот пазар во меѓувреме изнесува меѓу 12 и 13 проценти. Експертот за автомобилскиот пазар во Банкхаус Мецлер, Јирген Пипер, за ДВ вели: „И натаму се бележи многу успешен, експанзивен курс“.

Проблемите поради кризата во Европа не го тангираат Фолксваген многу, поради тоа штo концернот од Волфсбург во меѓувреме стана навистина глобален играч, посилен од Дајмлер и БМВ.

Перспективи

„Тие имаат многу голем удел на кинескиот пазар“, вели Пипер и додава: „Имаат и голем удел на пазарите во Јужна Америка и во Источна Европа, значи застапени се таму кадешто ќе се бележи пораст веројатно и во наредните десет години.“ Ваквата широка присустност токму во региони каде има пораст создава добри перспективи за Фолскваген.

Volkswagen Martin Winterkorn

Мартин Винтеркорн е најплатен менаџер во Германија

Концернот во меѓувреме обединува десетина марки под свој покрив. Покрај Фолскваген, тука се и Ауди, Шкода и Сеат, но и легендарни имиња како Порше, Бентли, Бугати и Ламборџини.

Ваквата разноликост на марки, се разбира, создава и комплексност и компликувани односи. „Во меѓувреме сигурно е се‘ друго само не е едноставно да се раководи со ваков концерн“, оценува аналитичарот Пипер. Веројатно затоа Мартин Винтеркорн ќе остане на врвот на концернот и по својата 65-та година. Пипер вели: „Едноставно во моментов нема друг кој тоа би го правел толку добро.“

Винтеркорн во 2011 година заработил околу 17,5 милиони евра и беше најдобро платен менаџер во Германија и тоа со голема предност пред другите. Според медиумски извештаи, минатата година шефот на Фолксваген веројатно заработил дури 20 милиони евра. Менаџерот призна дека вакви димензии е тешко да им се објаснат на другите. Според информации на „Шпигел“, Винтеркорн затоа сега се задоволил со 14 милиони евра и се договорил со претседателството на Надзорниот одбор промените да бидат внесени во неговиот договор. Аналитичарот Јирген Пипер пак, за ДВ нагласува дека, според него, дури и повисоки примања на Винтеркорн, со оглед на големите успеси, би биле „легитимни“.

Volkswagen-Konzern

Сеат создава главоболки

Мали слабости

Покрај сите вести за успех, има и „горчливи капки“. На пример, Фолксваген во Северна Америка се‘ уште е далеку од удел на пазарот каков што има во останатите делови на светот. „Таму имаат далеку под пет проценти, а во останатиот дел од светот имаат меѓу 12 и 13 проценти. Во Западна Европа во моментов уделот е дури 24 проценти, во Кина околу 15 проценти, а во Северна Америка само некаде околу три проценти“, вели Пипер.

Проблематично „дете“ за Фолксваген е Сеат, чии загуби се проценуваат на околу 100 милиони евра. Тоа, во споредба со вкупниот резултат на Фолкваген од 20 милијарди евра, е занемарливо, но „сепак не е добро кога се има фирма-ќерка каде не оди добро“, оценува Пипер.