1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Фокусирани на казни, дефокусирани од европската судска практика

Македонското судство не се раководи од практиката на Европскиот суд за човекови права во врска со предмети поврзани со слободата на изразувањето, оценуваат новинари и правни експерти по пресудата за новинари од „Фокус“

Судијката Јованка Спировска-Панева од Основниот суд Скопје 2, пресуди дека двајца новинари на дневниот весник „Фокус“, (кој згасна по смртта на неговиот сопственик, Никола Младенов), треба да му платат надоместок од околу 9.000 евра на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, за нарушување на неговата чест и углед. Новинарката Јадранка Костова е казнета со 5.000 евра, нејзиниот колега Владо Апостолов со 1.000 евра, а треба да ги платат и судските трошоци на адвокатот на тужителот во висина од 3.312 евра. По пресудата, Владо Апостолов, луцидно изјави: „Мислам дека поминавме сосема добро. Во земја каде новинари завршуваат во затвор или загинуваат во сообраќајки под многу чудни околности, ние треба да сме пресреќни само со парична казна“.

Судиите не ги читаат пресудите на ЕСЧП

Како се „пресечени“ овие суми? Дали пресудата е во „духот“ на практиката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) или надвор од неа? Одговор на овие прашања не добивме од портпаролката на Основниот суд Скопје 2, судијката Антоанета Димовска.

„Коментар на пресудата нека дадат судии од вишите судови, или правни експерти, или професори од Правниот факултет, па нека даде и лаичката јавност. Јас ниту смеам, ниту можам да коментирам пресуди, ниту да кажам дали е во согласност со практиката на Европскиот суд за човекови права“, рече Димовска.

Токму за да знаат судиите дали пресудите се во согласност со практиката на ЕСЧП, лани на 1. октомври беше промовирана публикацијата „Збирка на пресуди на Европскиот суд за човекови права, по членот 10 - слобода на изразување“. Министерот за правда, Блерим Беџети, во таа пригода рече: „Двотомната публикација од 2.000 страници, во која на македонски јазик се преведени 70 пресуди и одлуки на Судот за човекови права во врска со членот 10 од Конвенцијата, ќе претставува понатамошен чекор во приближување на судската практика на Судот во Стразбур до домашните судии, особено оние кои постапуваат по предметите за клевета и навреда. Таа ќе биде од голема полза за судиите во Македонија при донесување пресуди во кои се засега во слободата на изразување и ќе даде дополнителна гаранција на слободата на изразување“. И навистина тоа искуство од Стразбур во случајот „Фокус“ се покажа како нов чекор на македонското судство, но чекор - назад. Со остри реакции за пресудата како спротивна на европската судска практика, се јавија Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, многубројни невладини организации и меѓународната „Репортери без граници“.

„Ако правдата мора да биде спроведена, и нормално е дека клевета треба да биде санкционирана со закон, судијата мора да има на ум за што тука станува збор: за правото на јавноста да биде информирана од страна на независни извори на информации, кои се сѐ поретки во земјата. Во овој случај, ваквиот баланс не е почитуван и слободата на печатот повторно ќе страда. На земја рангирана на 116 место во последниот индекс на слободата на светскиот печат, не и‘ треба уште една деградација“, порача „Репортери без граници“.

Слаб стомак за критики

Професорот од Правниот факултет на УКИМ, Љубомир Фрчкоски, вели дека пресудата против „Фокус“, кој е тужен од државен функционер, е спротивна на стандардите дефинирани од јуриспруденцијата на Судот за човекови права во Стразбур.

„Судот во низа пресуди дефинира дека вредноста на слободата на изразување и слободата на медиумите е основа на секое демократско уредување, а не изведена слобода, па затоа плурализмот на мислења кој оваа слобода го брани - е вредност повисока од честа и угледот на функционерите на чие нарушување тие се повикуваат. Затоа таа се штити со тоа што се поставува повисок стандард на толеранција за говор со кој се критикуваат јавни функционери, за разлика од обичните граѓани. Зошто? Затоа што политичарите одбрале да работат за јавно добро со туѓи пари – со пари на даночните обврзници. Затоа на јавноста, чии агенти се новинарите, и‘ е дозволено да поставува најкритички прашања за тоа како политичарите ги водат јавните работи со државни пари. Ако имаат слаб стомак за такви критики, политичарите треба да ја сменат професијата, а не да ги злоупотребуваат судовите за репресија кон оваа слобода. Второто ниво на стандарди се технички: прво, новинарот за да се одбрани треба да докаже дека со своите написи брани јавно добро, а не дека напаѓа лично и приватно; и второ, дека се обидел своите информации да ги провери, а не и да докаже дека успеал во тоа, бидејки тоа понекогаш е невозможно“, потенцира Фрчкоски.

Македонската судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Мирјана Лазарова-Трајковска, не е запозната со содржината на пресудата за „Фокус“, но за Дојче веле ги посочи принципите врз кои се темели генералниот третман на новинарската слобода на изразување.

„Повеќе пати е нагласено дека Судот е свесен дека 'новинарската слобода покрива и можно прибегнување кон одреден степен на претерување, па дури и провокација', но со услов дека границите на дозволените критики се потесни во однос на приватен граѓанин споредно со критиките за политичарите и владите. Политичарите и јавните личности треба да покажат поголема флексибилност и отвореност кон критиките кои содржат вредносна оценка и кои се од интерес за покренување прашања од широк јавен интерес. Оттука, слободата на изразување ужива највисока заштита и претставува предуслов за останатите слободи. Судот прави разлика меѓу искажување на информации во форма на факти и мислења искажани во форма на вредносни оценки. Постоењето на факти може да се прикаже и докаже, а вредносните оценки се гледишта за состојби или настани и тие не секогаш подлежат на докажување. За вредносни оценки изразени за политиката, за прашања од јавен интерес, за критики искажани кон власта или јавни органи, Судот има широк степен на толеранција“, објаснува Лазарова-Трајковска.

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Berufungsgericht Eingang

Иако Судот генерално на новинарството му дава привилегиран статус, повеќе пати ги нагласува должностите и одговорностите на новинарите да постапуваат „со добра верба и на точна фактичка заснованост“ за да овозможат сигурна и прецизна информација во согласност со новинарската етика.

Лидерот е идиот

Еден од постарите предмети кои ги поставил темелите на пристапот кон политичарите кога е во прашање слободата на изразување, е случајот „Лингенс против Австрија“. Во овој случај жалителот бил обвинет за клевета, затоа што го обвинил премиерот за „базичен опортунизам“ и за „неморално“ и „недолично“ однесување. За Судот, изречената кривична санкција била непропорционална, бидејќи од жалителот било побарано да ја докаже вредносната оценка поврзана со работи од политичка природа. Слично било и во предметот Oberschlick. Пишувајќи за лидерот на Австриската партија на слободата, новинарот го опишал Јерг Хајдер како „идиот“. Судот оценил дека тој збор не бил употребен во форма на личен напад кон политичарот, туку дека треба да се гледа целокупноста на написот, а во тој контекст, тој збор отсликувал „мислење со вредносна оценка“ кое има основа да биде заштитено со членот 10 од Конвенцијата. И додека овие преведени пресуди фаќаат прав во македонските судови, новинарите бараат начин како да му помогнат на „Фокус“, кога веќе ни „Стразбур“ не може да му помогне на македонското судство. Бранко Героски, главен уредник на дневниот весник „Слободен печат“ вели дека оваа битка мора да се добие таму каде што се води и не е завршена - во судот!

„Пресудата, претпоставувам, ќе биде обжалена. На потег е Апелацискиот суд. Му предлагам на 'Фокус' да организира јавна презентација на случајот, на кој ќе ја образложи одбраната. Потоа, нека се напише петиција до Апелацискиот суд, што ќе ја потпишат угледни правници - професори и асистенти, бивши судии, адвокати... Таа петиција да се достави до судот, но да се објави и јавно, во медиуми. Ајде да создадеме преседан, сега, кога се гради казнената политика за делата клевета и навреда. Според новиот закон за граѓанска одговорност, нашите судии треба да знаат дека и новинарската заедница, но и стручната јавност, се противат на вакви драконски пресуди. Тие треба да тежнеат кон минималните предвидени казни, до степен на симболичност. А осудителни пресуди да донесуваат само во најтешките случаи. Како што гледам, сега трендот е обратен и тоа сериозно ме загрижува“, вели Героски.

На потег е стручната, но и политичката јавност. Преводот на пресудите и одлуките на ЕСЧП и нивна имплементација, беше дел од обврските предвидени со Претпристапниот дијалог на високо ниво. И за неприменувањето на европската судска практика во македонската е потребен отчет и одговорност. Или тоа важи само за новинарите?