1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Фокландите сакаат да останат британски

Очекуваното се оствари - огромно мнозинство избирачи на Фокландските острови на референдумот одржан на 10 и 11 март одлучија - остануваме во Велика Британија!

Од 1650 граѓани со право на глас на Фокландските острови, 1517, или околу 92 проценти, учествувале на референдумот. Само тројца од оние што го дале својот глас на прашањето на референдумот дали островите да останат и натаму британски одговориле со НЕ.

Сепак, референдумот организиран од страна на локалната влада нема обврзувачко дејство врз статусот на островите. Жителите на Фокландите гласаа два дена. „Ова треба да му покаже на светот дека ние егзистираме самостојно како народ и заедница“, изјави портпарол на локалната влада. Се вели дека се посакуваат „нормални соседски односи“ со Аргентина, како и со останатите земји во Латинска Америка.

Аргентина, речиси 31 година по Фокландската војна, и натаму смета дека островите и‘припаѓаат нејзе и најави дека нема да го признае резултатот од референдумот.

Британците ги окупираа Фокландските острови во 1833 година. Многумина од сегашните жители на островите се потомци на британските доселеници. Во двомесечната Фокландска војна, која заврши со капитулација на Аргентина на 14 јуни 1982 година, загинаа речиси 650 Аргентинци и околу 260 Британци.