ФК Келн - убаво минато, посна сегашност | Теми | DW | 08.08.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

ФК Келн - убаво минато, посна сегашност

Првиот шампион во Бундеслигата и годинава е второлигаш. Кризата на Келн трае долго, и натаму се бара вистинскиот пат за враќање кон позициите во врвот на германскиот фудбал, каде се наоѓаше во 60-тите и 70-тите години

default

Клупското лого на Келн

“Мислам дека нашата вредност тогаш беше споредлива со Баерн Минхен денеска”. Сјај се појавува во очите на претседателот на фудбалскиот клуб Келн Волфганг Оверат кога помислува на најуспешното време на неговиот клуб. Тоа беше на почетокот на 60-тите години. Во 1962-ра “јарците”, како што ги нарекуваат според маскотата на клубот, беа за прв пат германски прваци, наредната второпласирани, а потоа станаа и први шампиони на новоформираната Бундеслига.

Во тоа време беа и пример за другите - не само на чисто фудбалски план: “Ние имавме свој клупски дом, другите, ми се чини, уште се влечкаа по гаражи. Ние први и единствени игравме во бели дресови, како Реал Мадрид. Во Бундеслигата, значи, далеку предничевме пред другите, но од тоа на крајот премалку профитиравме”.

Франц Кремер, тогашен претседател на клубот, спаѓа меѓу духовните татковци на Бундеслигата. Од околината на градот во примерниот клуб ги доведе младинските репрезентативци Волфганг Вебер и Волфганг Оверат. Сегашниот претседател се сеќава на своето деби во Бундеслигата: “Тоа беше во Саарбрикен, ние победивме со 2 спрема 0, а јас го дадов првиот гол по двојно проигрување со Ханс Шефер. Беше почеток на германското првенство, што на крајот и го освоивме”.

Прв шампион на новоформираната Бундеслига! Доживување за келнската душа, карневал сред лето 1964-та. И во наредните години Келн постојано беше во врвот, но третата титула остана недостижна; само беше за прв пат освоен Купот на Германија во 1968-ма. Осум години подоцна на келнската фудбалска сцена стапи искусниот тренер Хенес Вајсвајлер и веднаш со тимот го освои Купот на Германија; горчлив подарок за разделба за Оверат, кој по постојани кавги со тренерот ја заврши кариерата.

Без Оверат младиот тим играше уште поуспешно и во 1978-ма година постигна двоен триумф – ги освои и првенството, и купот. Последна титула на “јарците” е во Купот на Германија во 1983-та година, кога во чисто келнското финале ја победија малата Фортуна со 1 спрема 0.

Оттогаш работите тргнаа удолу. Фудбалскиот клуб Келн и неговите играчи вниманието повеќе го свртуваа со киксови. Голманот Харалд, попознат како Тони Шумахер, мораше во 1987-ма година да го напушти клубот и државната репрезентација оти во својата книга “Почетен свиреж” ги клевети колегите за консумирање дроги и посети на бордели. Шумахер се гледаше себе си како жртва, а не како сторител: “Отсекогаш најголема работа за мене беше да играм за Германија – вака ми се одзема големата шанса да продолжам да го правам тоа”.

Во 1998-ма година Келн испадна од друштвото на прволигашите. Навивачите и тоа го проголтаа со вродената леснотија. Еден од оние со претплатна карта, рок-пејачот Волфганг Нидекен, се обидува да објасни: “Расположението во Келн е секогаш добро, секогаш позитивно. Мислам дека за да се промени тоа, мора да се случи нешто крупно. Во принцип сите сакаат да биде убаво – таков е менталитетот”.

Во последниве 9 години години Келн четири пати испадна од првата лига. Но, и на второлигашки средби често пати има преку 40 илјади гледачи, што е можеби рекорд и во европски рамки. Публиката заслужува прволигаш. Што мора да сторат одговорните за клубот повторно да биде успешен како во шеесетите и седумдесеттите години? “Тешко е да се каже, кога би знаеле, би го сториле. Начелно сметам дека секогаш има нагорни и надолни фази. Ова кај нас трае веќе подолго и време е да тргне во обратна насока, на подобро” – вели претседателот Волфганг Оверат.

Јирген Бергхајм