1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Фишер говореше во ОН

Реформите на ОН и иранската атомска програма во фокусот на неговиот говор и активности во Њујорк

Фишер синоќа во ОН

Фишер синоќа во ОН

Јошка Фишер мораше да се откаже од еден ден во предизборната борба, за на светскиот државнички самит во ОН да ја претставува Германија. Ни таму не го очекуваше ништо добро: пропаднаа обидите за реформа на Советот за безбедност ОН, а разговорите околу иранската атомска програма беа тешка задача.

Германскиот министер за надворешни работи и неговите колеги од Франција и Велика Британијаеден ипол час разговараа со иранскиот шеф на дипломатијата и со главниот преговарач на Иран во спорот околу атомската програма на таа земја, иако беше предвидена кратка средба. Резултатот, очигледно, бил скромен: „Не сме под непосреден диктат на времето. Но, од друга страна е јасно: од цивилен аспект нуклеаризација на Иран и нуклеарната програма имаат малку или воопшто немаат смисла. Во регион во кој ионака веќе владее затегнатост, тоа би донело уште еден натамошен голем ризик“.

На Фишер во меѓувреме во индиската амбасада при ОН чекаа колегите по функција од Индија, Јапонија и Бразил. Иако досега беа безуспешни, договорено е да продолжат заедничките напори за обезбедување постојано место за четирите земји во рамките на реформата на Советот за безбедност. Во декември би требало да биде направен нов обид, ако е можно дури и со гласање во Генералното собрание, со ризик да не се обезбеди двотретинско мнозинство.

Во настапот на светскиот самит, по речиси двочасовно одлагање, Фишер побара: „Оваа реформа мора да остане на дневен ред. Апелирам до сите вас повторно да бидат започнати консултации во врска со тоа уште на ова 60-то Генерално собрание“. Притисокот од глобализацијата и меѓународните кризи и конфликти ја прави неизбежна далекусежната реформа во сите делови, смета германскиот министер.

Пред речиси празната пленарна сала, Фишер - повторно во сојуз со Франција и Велика Британија - и’ се придружи на иницијативата на генералниот секретар Кофи Анан, со повик до новиот ирански претседател Ахмадинеџад на поголема готовност на компромис и барање да бидат исклучени атомските постројки за конверзија на уран. Германскиот министер полага надежи во најавата од Ахмадинеџад за нови предлози од иранска страна. Како што можеше да се дознае, новите ирански преговарачи застапуваат црвст став и веќе поради тоа се’ поголема е веројатноста целата работа сепак да се најде пред Советот за безбедност.

Јошка Фишер во говорот уште нагласи: „За жалење е дека не беше можно постигнување согласност околу важни теми како разоружувањето и неширење на атомското оружје, како и за дефинирањето на тероризмот“.

По настапот во ОН Фишер побрза назад во Германија за да го фати финишот на предизборната кампања.

Томас Нелс