1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Фишер во Ерусалим

Германскиот министер за надворешни работи, Јошка Фишер, на Блискиот исток водеше разговори со највисоките израелски претставници околу мирот во регионот и преговорите со Палестинците, но се сретна и со опозициони политичари од таа земја. Шефот на германската дипломатија, инаку, во Ерусалим беше по повод отворањето на новиот музеј за жрвтите од Холокаустот, Јад Вашем.

Јошка Фишер и Силван Шалом

Јошка Фишер и Силван Шалом

И генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, е воздржан во јавноста кога станува збор за дипломатски иницијативи или други обиди за внесување движење во израелско-палестинските преговори за мир. Очигледно, поводот за посетата не е соодветен за водење политика на цел глас. Слично се однесуваше и германскиот министер за надворешни работи, Јошка Фишер. Тој ги сретна израелските опозициони политичари и членовите на израелската влада, но пред јавноста говореше само неколку минути.

Со израелскиот министер за надворешни работи, Силван Шалом и потпретседателот на владата, Шимон Перес, Фишер разговарал околу најновиот развој на мировниот процес. На крајот, околу улогата на палестинскиот претседател, Махмуд Абас, изјави:

“Мислам дека Махмуд Абас има тешка работа. Тој, според мене, ја врши добро. Решавачки е да му се стави дефинитивен крај на теророт, да се вратиме на маса за преговори и да постигнеме согласност околу базата за компромис меѓу Палестинците и Израел.“

Фишер, првично, имаше намера да разговара и со Абас, како и со палестинскиот премиер, Ахмед Кореи и министерот за надворешни работи на Палестинците, Ал Китва, но непосредно пред патувањето во регионот тој ја скрати својата посета за еден ден и средбите со палестинската страна отпаднаа. Шефот на германската дипломатија го поздрави за денеска планираното повлекување на израелската армија од палестинскиот град Јерихо. Тоа е конкретен чекор напред, рече тој, и тоа беше целата дипломатија што мина преку неговите усни.

Во центарот на посетата на Фишер на Израел е отворањето на новиот музеј во спомен на жртвите на Холокаустот, Јад Вашем. Заедно со 40 други шефови на држави и влади и министри, Фишер присуствуваше на свеченоста во Ерусалим:

“Мислам дека е ова важна посета во момент кога се отвора новиот Јад Вашем, а за еден Германец е тоа постојано конфронтација со најтемните моменти од нашата историја, одговорноста на нашата земја за Холокаустот. Одговорност која не минува и пред која и ние како помлада генерација мораме да се исправиме. Тоа ја објаснува нашата особена поврзаност со Израел и нашето залагање за правото на Израел да егзистира, и правото на неговите граѓани да живеат во мир, како што е случајот кај нас. “