1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

ФИФА: Косово смее да игра пријателски натпревари

Фудбалот е најпопуларен спорт на Косово, но националната репрезентација не смее да игра официјални натпревари. ФИФА сега има намера да дозволи пријателски натпревари.

Лорик Цана, Ѓердан Шаќири, Алберт Буњаку - ова се играчи кои одамна значат нешто во европскиот фудбал. Тие носат дресови на водечки фудбалски клубови, како Бајерн Минхен или Лацио, и играат во националните тимови на Швајцарија или Албанија. Наскоро би можеле да станат дел од друг тим - националната репрезентација на Косово. Така барем се надева Фадиљ Вокри, претседател на Косовскиот фудбалски сојуз. Неговата увереност се заснова врз заклучокот на ФИФА од 22 мај годинава, во кој фудбалската асоцијација искажува согласност за одржување пријателски натпревари на членовите на ФИФА и косовскиот тим, иако Косово не е член на ФИФА и УЕФА.

Со ваквиот заклучок ФИФА навлече многу лутина врз себе. Претседателот на УЕФА Мишел Платини и шефот на Српскиот фудбалски сојуз Томислав Караџиќ одлуката на ФИФА ја означија како „политичка одлука, а не фудбалска“ и одлука донесена „без договор“ со УЕФА и Србија. ФИФА се повлече во дефанзива: „Одлуката е донесена во насока на поддршка на спортот“, објасни генералниот секретар на ФИФА Жером Валке. Тоа, како што се вели, не бил чекор во насока на членство на Косово во ФИФА.

Fadilj Vokri

Фадиљ Вокри е задоволен

Ваквите несогласувања требаше да бидат надминати со тркалезна маса, која се одржа на 31. мај во Цирих. На „разговорот за расчистување на работите“ учествуваа ФИФА, УЕФА и Српскиот фудбалски сојуз. Резултатот од средбата е - вратите за членство на Косово во европскиот и светскиот фудбалски сојуз остануваат затворени. Предуслов за членство е признавање на државата како независна од страна на ОН. Токму тоа Косово го нема. Земјата прогласни независност во 2008. година, но досега ја признаа само 91 држава во светот. Вокри е сепак задоволен: „Претходниот заклучок на комитетот на ФИФА не е укинат, ниту пак променет. И натаму смееме да играме пријателски натпревари против други репрезентации.“

Stadion Pristina Kosovo

Стадионот во Приштина

Разговорите меѓу ФИФА и УЕФА продолжуваат на 4 јули. Ќе стане збор главно за модалитетите на учеството на Косово на пријателските натпревари.

Во Косово веќе има „супер лига“ и „прва лига“. Постои и лига за женски фудбал, што според Вокри е голем успех за Косово. Во Приштина се веќе во тек подготовките за можните пријателски натпревари. Стадионите се во лоша состојба, нема инвестиции. Засега е јасно дека поради тоа официјалниот термин даден од страна на ФИФА за почеток на пријателски натпревари - 15 август, Косово веројатно ќе го пропушти.