Финасиска афера со раководителите и главните акционери на Ербас | Економија | DW | 09.10.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Финасиска афера со раководителите и главните акционери на Ербас

Пред испорачувањето на првиот Ербас А380 на Сингапур Ерлајнс, славјето во европскиот конзорциум е поматено со аферата со продажба на акции на конзорциумот Ербас во 2005 и 2006 година, од страна на неговите раководители.

default

Ербас А380 во Сингапур

Информацијата ја обелодени париски „Фигаро“, по што беше потврдена од Регулативниот орган за контрола на финансискиот пазар.

Судејќи според заклучоците од првичниот извештај на регулативниот орган, доставен до парискиот суд, дошло до „чудно“ продавање на акциите на Ербас. Првиот пат во ноември 2005 и март 2006, а вториот пат во април 2006 од страна на приватните акционери Лагардер и Дајмлер Крајслер. Двата главни приватни акционери се ослободија од акциите на Ербас, кога тие беа највисоко котирани на берзата.

Сомневање во раководството на ЕАДС

Регулативниот орган на берзата изразува отворено сомневање во највисокото раководство на ЕАДС и на неговата филијала Ербас, меѓу кои двајцата копретседатели на администратиовниот совет Арно Лагардер и Манфред Бишоф, како и двајцата извршени претседатели Ноел Форжар и Том Ендерс, дека стекнале профит со продажбата на акциите.

Регулативниот орган, чиј конечен извештај ќе биде готов на крајот на годината, идентификува дваесет и осум раководители на ЕАДС и околу 1200 други акционери, кои сo продажбата на 10 милиони акции, оствариле профит од 90 милиони евра.

Во оваа финансиска афера ќе биде многу тешко да се докаже дали тие што ги продале акциите, поседувале доверливи информации дека ќе има доцнење во програмата на авионите А380 и А350, со што оствариле профит. Ако тоа се докаже, виновниците ризикуваат две години затворска казна и парична казна во висина од десет пати од остварениот профит.

Франција нема направено прекршок

Според извештајот, и француската држава како главен акционер била повикана да ги продаде акциите од Ербас. Министерката за економија Кристин Лагард на ова реагираше: „Француската држава не продаде ниту една акција во ЕАДС и нема направено прекршок.“

Опозицијата преку социјалистот Арно Монтбург реагираше остро. „Раководителите на ЕАДС се збогатија, додека индустрискиот алат пропаѓаше, тоа е предавство. Ова е крајно сериозна афера за моралноста на државниот врв.“

Групата Лагардер, чиј сопственик е близок пријател на Претседателот Саркози, најави дека ќе поднесе тужба за да биде обесштетена за објавувањето на оваа информација.

Синдикатите од француската филијала на Ербас нагласуваат дека со ова се докажува дека раководителите на компанијата биле многу повеќе загрижени за нивниот личен интерес, отколку за тој на претпријатието.