1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Финансиските пазари „под лупа“

Во иднина треба да се преземе се‘ за да се спречи повторување на финансиска криза како актуелната. Земјите од ЕУ, членки на Групата 20, во Берлин направија подготовки за самитот во Лондон, што ќе се одржи во април.

default

Подготвителна средба во Берлин за самитот на Г20 - британскиот премиер, Гордон Браун и германската канцеларка, Ангела Меркел

Сиво, дождливо и студено време во Берлин - добро отсликување на актуелната состојба на економските и финансиските пазари. Од одржувањето на првиот светски финансиски самит на водечките индустриски земји во светот и земјите кои бележат забрзан развој, состојбата е влошена. Германската канцеларка, Ангела Меркел вели дека ваква криза, каква што немало со децении, не би смеела да се повтори во никој случај: „Сите финансиски пазари, продукти и учесници на финансиските пазари, како и Хеџ-фондовите, Рејтинг-агенциите и други приватни институции мора да бидат ставени под надзор и да бидат регулирани. Деталите како тоа да се направи мора да бидат разработени и да станат дел од Акциониот план“, изјави Меркел по средбата на европските членки на Г20 во Берлин.

Листа на некооперативните

Акциониот план беше веќе договорен на самитот на Г20 во Вашингтон. Тој има 47 точки и во моментов, се конкретизира во рамки на четири работни групи. Она што е ново е единственоста на Европејците каква што во Вашингтон пред неколку месеци немаше. Зашто, во меѓувреме, државите на ЕУ имаат намера да состават листа на некооперативни даночни оази и финансиски центри кои одбиваат размена на информации. Доколу продолжат со отпорот, тие во иднина мора да сметаат дури и со санкции. Не се работи за површински, туку за структурни мерки,

Finanzgipfel Washington Gruppenbild

Од самитот на Г20 што се одржа во ноември 2008 година до денес, ситуацијата е влошена

нагласи францускиот претседател, Никола Саркози: „Сите сакаме средбата во Лондон да биде успешна. И, сите сме свесни дека е тоа последна шанса. Европа бара нови темели на целиот систем.“

На одобрување во Берлин наиде и, од страна на германската канцеларка, во Давос предложената „Повелба за траен развој на светската економија“. Во нејзе треба да бидат пропишани принципите на новата архитектура на светската економија. Притоа, не се работи само за регулирање на пазарите, туку и за моралното однесување. Дел од тоа е намерата за борба против протекционизмот и борба за отворање на светската трговија.

Меѓународен надзор на финансиските пазари

Британскиот премиер, Гордон Браун во Берлин зборуваше за „New Deal“ во светскиот економски систем. Според него, од централно значење е да се задржи притисокот за консеквентно спроведување на договорените мерки и по одржувањето на самитот во Лондон. Европските членки на Г20, за таа цел, предлагаат меѓународен надзор кој би го вршеле Меѓународниот монетарен фонд и Форумот за финансиска стабилност.