1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Финансиските концерни играат „рулет со гладот“?

Хуманитарните организации со години протестираат против шпекулациите со прехранбени производи. Tврдат дека банките и други финансиски институции со тоа предизвикуваат драстично поскапување на храната и глад во светот.

Со шпекулациите со прехранбени производи се заработуваат милијарди. Банките, хеџ-фондовите и големите вложувачи можат преку фондови да шпекулираат со цените на земјоделските производи. На германскиот пазар се вложени околу 11 милијарди евра во шпекулациски финансиски продукти кои се однесуваат на прехранбените производи. Околу 6,2 милијарди евра од таа сума отпаѓаат на осигурителната компанија „Алијанц“, а според информациите на хуманитарната организација „Оксфам“ на големо инвестира и германската банка „Дојче банк“.
Затоа „Оксфам“ минатата недела организираше протесен собир пред зградата на управата на „Алијанц“ во Минхен, за време на заседанието на собранието на акционери. Главното обвинение на протестот беше: тој концерн учествува во „рулет со глад“. Така гласи и името на една студија која ја објави „Оксфам“ и во која остро се критикува работењето на „Алијанц“, „Дојче банк“ и другите големи инвеститори.

Oxfam Hungerroulette Protest Allianz

Од протестот на „Оксфам“ пред седиштето на „Алијанц“ во Минхен

Во студијата се заклучува дека тие со своите шпекулации со прехранбени артикли влијаат врз растот на цените. Исто размислуваат и други организации, како на пример „Фудвоч“.

Раст на цените за 300 проценти

И навистина, брз раст на цените е забележен во целиот свет. Така во Европа последните неколку години пченката поскапе за околу 200 проценти, пченицата во Сомалија за 300, а во Судан за 90 проценти. Последиците од тој драстичен пораст на цените се фатални: населението во сиромашните земји троши и до 80 проценти од своите приходи за храна. Само неколку центи повеќе може да предизвикаат егзистенцијална криза. Веќе сега ширум светот гладуваат 870 милиони луѓе. Најтешко се погодени жените и децата. Од друга страна, брз пад на цените може да ја наруши рамнотежата на пазарот и да ги уништи селаните. Во „Алијанц“ не веруваат оти нивните шпекулации на берзите се одговорни за осцилацијата на цените. „Ние ги советуваме нашите клиенти да вложуваат антициклично. И ако го погледнете инвестициското однесување на нашите клиенти, значи кога купуваат и кога продаваат, тогаш е видливо оти нашите клиенти купуваат кога цените паѓаат, и продаваат кога цените растат“, вели Николај Тевез од „Алијанц“. Тој смета дека тоа помага да се воспостави рамнотежа на пазарот.

Спорно истражување

Tankstelle Zapfpistole

Биогоривото истотака ги зголемува цените на храната



„Алијанц“ и другите финансиски институции добиваат поддршка од одделни стручњаци. Економскиот етичар Инго Пиз проучил повеќе од 30 студии на таа тема, и тоа во периодот помеѓу 2010. и 2012. година. Неговата теза гласи: за порастот на цените се пред се' одговорни други фактори, како што се зголемената побарувачка на месо или биолошко гориво. Но, и таа теза предизвика бран критики. Хуманитарните организации велат оти Пиз ги одбрал само оние студии кои ја поткрепуваат неговата теза. Без разлика на бројните аргументи за и против шпекулациите на пазарот за прехранбени производи, многу банки во меѓувреме и сами донесоа одлука дека повеќе нема да се занимаваат со тој вид финансиска работа. Така на пример, германските банки „Комерц банк“ и „Дека-Банк“ веќе го запреа тој вид на вложување. И „ДЗ-Банк“ и „Унион Инвестмент“ најавуваат дека ќе престанат да ги нудат тие финансики трансакции. Но за економистот Давид Хачфелд од „Оксфам“ тоа не е доволно: „Ние сакаме политиката повторно да започне на соодветен начин да ги регулира пазарите.“