1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Финансиската криза се’ уште не е пребродена

Претставници од околу 180 земји деновиве се среќаваат на пролетното заседание на ММФ и Светска банка во Вашингтон. Шефот на ММФ, Доминик Штрос Кан, смета дека финансиската криза не е надмината.

Шефот на ММФ Доминик Штрос Кан

Шефот на ММФ Доминик Штрос Кан

Шефот на Меѓународниот монетарен фонд Доминик Штрос Кан за Дојче веле оценува дека од глобалната финансиска криза многу се научило: „Видовме колку е важна меѓународната соработка, во рамките на Групата 20 и надвор од неа. Видовме дека крахот на пазарот за недвижности во САД може да стане глобална економска криза и како финансискиот систем создаде нови правила на игра. Извлековме поука од кризата - не е доволно да се гледа на макроекономскиот просек. Мораме повеќе да внимаваме на ефектот на прераспределба. Неправедностите во примањата и вработувањето, независно од сите процеси, водат до незадоволство и нестабилност, кои би можеле да го загрозат економското опоравување.“

Минатата година, на пролетното заседание на ММФ и Светска банка, беше предупредено на глобалната неизбалансираност, која би можела да го загрози заздравувањето на светската економија. Меѓутоа, дефицитот или суфицитот во трговските биланси на големите актери не може да се сменат од денес до утре - затоа оваа тема повторно е на дневен ред на годишниот самит во Вашингтон, вели шефот на ММФ Штрос Кан: „Постојано се зборува за дефицитот во САД и суфицитот на Кина. Меѓутоа, има доволно други нерамномерности, кои не се толку очигледни. Тие не се нови, меѓутоа во кризата паднаа во сенка. Сега проблемот не’ стасува и мораме да го решиме. Притоа, не станува збор само за трговска избалансираност, туку за финансиските текови, движењето на капиталот. Мораме да најдеме глобални модели за пораст, кои се одржливи. Имено, она што го правиме во моментов е се’ друго освен урамнотежено и одржливо.“

Секој покажува со прст на другиот

IWF warnt vor Währungskrieg

Германија се прекорува поради нејзината еднострана ориентација кон извозот, САД поради прекумерниот конзум на кредит, а Кина, бидејќи вештачки го држи низок курсот на јуанот. Историски ниските камати во индустриските земји водат кон висок доток на капитал во земјите во развој, што предизвикува голем притисок за девалвација на нивните сопствени валути. Затоа се’ погласни се повиците за нов монетарен систем на светско ниво. Доминик Штрос Кан има разбирање за ова: „Не може да се очекува, меѓународното монетарно регулирање, создадено пред децении, и денес да функционира беспрекорно. Постојат размислувања за мултиполарен монетарен систем, во кој многу валути ќе имаат функција на резервни валути, не само доларот, еврото или јенот, туку можеби и кинескиот јуан ренмимби.“

За да ја надминат финансиската криза, централните банки ги преплавија пазарите со евтини пари. Тоа беше неопходно за да се спречи глобален колапс. Меѓутоа, полека треба да се размислува за т.н. егзит стратегии, за тоа како парите повторно да се соберат. Имено, ако парите останат на пазарите, расте опасноста од нови слични кризи. Европската централна банка го направи првиот чекор во тој правец, со тоа што по три години ги покачи каматите. Крајно време, оти ако се погледнат билансите на банките станува јасно дека не само што растат добивките, туку се чини банките повторно се враќаат на вообичаените практики, како да немало финансиска кирза.

Седиштето на ММФ во Вашингтон

Седиштето на ММФ во Вашингтон

Оттука, временската рамка за реформа на финансискиот пазар станува се’ помала. „Банкарскиот систем мора да го реформираме далеку потемелно, отколку досега. Потребен ни‘ е хируршки третман. Тоа не се однесува само на банките, туку на целиот финансиски систем, на системот на банки во сенка. При регулацијата направивме голем напредок, еден од резултатите е договорот Базел 3. Меѓутоа, покрај регулацијата мора да се погрижиме правилата да се почитуваат. И најдобрите правила не користат, ако не бидат надгледувани.“

Меѓународниот монетарен фонт предупредува од нова финансиска криза

Само регулации и превенција од кризи не се доволни - се’ уште постоеле лажни предизвици, кои ги поттикнувале банките на несразмерно високи ризици, произлегува од интерен документ за кој се дискутира. Освен ова, за време на кризата дојде до голем број фузии меѓу различни банки, па оттука на пазарот денес фигурираат уште поголеми банки, релевантни за системот. Тие се преголеми за да се дозволи да пропаднат. За време на финансиската криза владите реагираа со плаќање на износи во милијарди. Во случај навистина да дојде до нова финансиска криза, владите нема да бидат спасувачи, оти по вторпат нема да можат да исплатат толку средства, напротив мора да ги консолидираат буџетите. Доволно материјал за нови дебати на годишното заседание на ММФ и Светска банка.

Автор: Ролф Венкел/ Александра Трајковска

Редактор: Трајче Тосев