1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Филозофијата се враќа во мода

Ориентација и животни прашања во германските киосци-почнаа да излегуваат две нови списанија за филозофија. Општеството се‘ повеќе се оддалечува од верата, потребата од барање на смислата на животот расте.

default

Две слаби, голи детски нозе облечени во пар кафеави машки чевли. Под тоа прашањето-зошто раѓаме деца? Тоа е насловната страница на „Филозофскиот магазин“, еден од новите германски списанија, кое сака филозофијата да ја приближи до народните маси.

„Тоа е магазин кој своите прашања ги изнесува на пазарот за да предизвика јавна расправа“, вели главниот и одговорен уредник Волфрам Ајленбергер во воведната статија.

Филозофија за сите - иста е намерата и на другото списание со филозофска ориентација со наслов „Високи сфери“, кое нуди филозофски теми за сите кои сакаат да читаат и да размислуваат.

Значи, прилично широкопојасна целна група. Потенцијалните читатели веќе во првиот број се среќаваат со прашањето: „Не смееш да лажеш. Но, зошто?"

Dossierbild 3 von 3 Philosophie für Jedermann

Глад по филозофските прашања

Зошто истовремено две издавачки куќи одеднаш проценуваат дека Германците имаат потреба преку скапи магазини да се занимаваат со смислата на животот?

Професор д-р Михаел Кванте, деловен раководител на Германското друштво за филозофија смета дека постојат две причини.

„Постојат два правци во развојот. Едниот е што во нашето општество губат на значење класичните ориентирачки инстанци, на пример верата. Таа се‘ повеќе губи на значење. Тоа значи дека се‘ поголем број луѓе одговор на прашањата се обидува да пронајде на други места“.

Освен тоа, светот стана многу покомплексен благодарејќи на глобализацијата, доминацијата на техниката и преструктуирањето на социјалните системи. Новите магазини сакаат и треба да понудат поинаков агол на гледање на работите и да сервираат мисли во добро иситнети филозофски залаци, гарнирани со модерен лејаут и добри фотографии.

Тоа што филозофијата излегува од академските рамки и се свртува кон широката публика и не е ништо ново, вели Михаел Кванте. „Ако се сетите на 19 век и француските интелектуалци од 20 век, ќе видите дека постојат важни личности кои се занимавале со филозофски прашања, дискутирајќи за теми како смислата на животот.“

Норвежанецот Јостеин Гаардер во 1991 година ожнеа голем успех кога на лаиците им ја појасни историјата на филозофијата во книгата „Светот на Софија“. Од 2007 година книгата на германскиот автор Рихард Давид Прехт „Кој сум и ако сум, колку“, стана вистински бестселер и ги соборува сите рекорди во продажбата. Во 2008 година тоа беше најчитаната книга во Германија, а нејзиниот автор е често цитиран и е постојан гостин на телевизиските ток-шоуа.

Значи, сега филозофијата може да се побара и во киосците, иако тоа не е само германски тренд.

Richard David Precht

Писателот и филозоф Рихард Давид Прехт

Филозофијата со општествено значење

Во Франција „Филозофскиот магазин“ излегува уште од 2006 година. Таму филозофијата е предмет кој се учи во гимназија или е дури и задолжителен при полагање матура, додека во Германија филозофија се учи само во одделни покраини. Професор Клаудија Бекман од Друштвото за интеркултурна филозофија вели дека причина е што поголем дел од општеството во Франција поседува основно образование од филозофијата.

„Во околу 300 салони и низа списанија се води расправа за филозофски прашања. Од друга страна, во англосаксонските земји филозофијата повеќе е посебен предмет кој се изучува на одделни факултети.“

Во Кина, вели Бикман, се стекнува впечаток дека филозофијата игра се‘ порелевантна улога за животот. „Се чини ориентацијата кон хармонијата и смирувачкото учење на Конфучие го зазеде местото на партијата. Следните години ќе покажат што ќе биде пресудно-партијата или обновеното Конфучиево учење.“

Во арапскиот свет филозофијата се обидува да влијае врз политичките и општествени струења, затоа таа се пронаоѓа себе си во различни демократски движења.

„Денес секој може да биде филозоф“, велат во едно од новите филозофски списанија во Германија. На Фејсбук-страницата на „Филозофскиот магазин“ секој може да го изнесе своето мислење за тоа што е најважно во животот. Со тоа филозофијата може да изгуби на длабочина. Но, тоа е секогаш природен ефект кога една научна дисциплина се обидува да се отвори за широката публика.

Автор: Лаура Деинг/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска