1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Филмскиот вкус на Балканот во Франција

„Ај, Ај Филм Фестивал“ годинава се одржа по петнаесетти пат во францускиот град Нанси. Тој е незаобиколна станица за источноевропската кинематографија и посебно за таа од балканските земји.

default

Логото на фестивалот во Нанси

„Ориент Експрес“ е воз кој застанува во Нанси еднаш годишно во септември, за време на „Ај, Ај Филм Фестивал“. Патниците на овој необичен воз, пардон - селекција на филмови, имаат можност без да го напуштат нивниот град, да патуваат од авантура во авантура низ централна и источна Европа - од Истанбул, преку Велес до Берлин, од Софија преку Белград до Краков, од Хелсинки преку Загреб до Самарканд.

На секоја станица, по еден филм, вкупно 150 долгометражни и краткометражни документарни и играни филмови, од нив многу од регионот наречен Балкан. Нови и ретки бисери, како: „Снег“ од Ајда Бегиќ, „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска, „Источно место“ од Камен Калев „Андерграунд“ од Емил Костурица или „Коридорот 8“ од Борис Десподов. Филмови од кои секој на свој начин ја пренесува реалноста за овој дел на Европа.

Забележливо присуството на младите

Програмската ориентација на филмскиот фестивал во Нанси не е случајна, таа се должи на лични и колективни причини, објаснува Силван Мариет претседателот на „Ај, Ај Филм Фестивал“:

„Една од најсилните причини треба да се бара во идентитетот на градот Нанси и на регионот Лорен. Ова е територија на која имиграцијата во изминатите векови и во поново време оставила свои траги, посебно имиграцијата од Источна Европа. Со овој наш проект се открива дел од идентитетот на Нанси и областа Лорен.“

Публиката, во која забележливо беше присуството на младите, доаѓа со посебни очекувања кога се претставуват филмови од просторот на Балканот.

Aye Aye Filmfestival Nancy-Lorraine Plakat

Фестивалскиот плакат

„Од еден филм кој доаѓа од „истокот“, луѓето очекуваат нешто музикално, како на пример филмот „Шампионите од Шутка“, чија филмска форма е слаба, но има толку силна музичка енергија и тоа ги интересира многу луѓето. Од друга страна, западните гледачи имаат впечаток дека овие филмови носат автентичност. Тие очекуваат спонтан тип на актери кои претеруваат во сите насоки, како личностите од „Андерграунд“ кои удираат, бакнуваат, нешто што е многу кинематографско, сликовито, во кое чувствата се многу видливи. Тие, исто така замислуваат дека Истокот се само полиња и планини, чиста автентничност, она што ние го имаме загубено на Запад“, објаснува Силван Мариет.

Источноевропските и балканските филмови му должат многу на Меѓународниот филмски фестивал од Кан кој придонесе многу за нивната промоција и вреднување, смета младиот режисер Паскал Тесо.

„На фетсивлаот „Ај, Ај,“ во Нанси го открив бугарскиот филм „Источно место“ кој беше претставен и во Кан. Тоа е прв бугарски филм којшто го гледам во животот. Никогаш не сум бил таму, ниту ја познавам Бугарија. Бев фасциниран од овој и другите филмови кои доаѓаат од регионот во кој се чувствува проблематиката со етничката припадност, национализмот, отфрлените малцинства и појавата на неонацистите.“

Продолжува пронаоѓањето на филмски бисери од Балканот

Паскал Тесо е фасциниран од кинематографската потрага на младите режисери, со кои се запозна на фестивалот во Нанси, кои покажуваат истенчено чувство за просторот кое се губи на Западот од Европа, со епска димензија посебно во краткометражните филмови и важноста на колективните односи.

Публиката од своја страна вели:

„Сега ја замислувам Босна според она што го видов во „Снег“ со високи планини, зелени шуми и оддалечени села, со архаичен живот по војната.“

„Јас патувам многу малку, моите патувања се преку филмот и секогаш верувам во она што го гледам и што ми го покажуваат. Имам впечаток дека ги познавам подобро овие земји откако ги видов филмовите кои доаѓаат оттаму.“

Гледачите беа изненадени од тежината на темите кои се обработени во балканските филмови.

„Филмот ’Јас сум од Титов Велес’ беше многу тежок за гледање. Тука е потрагата по идентитетот, желбата за заминување...“, констатира еден од гледачите.

Возот „Ориент Експрес“ повторно ќе застане на една недела во Нанси, во септември 2010. Дотогаш неуморната екипа на „Ај,Ај, Филм Фестивал“ ќе работи на пронаоѓање на нови филмски бисери од истокот и југоистокот на Европа, со цел да им ја направи поблиска овде на западот, на сите оние кои сакаат убави филмови.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска