1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Филипини: Помошта бавно стигнува, очајот расте

Меѓународната помош за преживеаните од мега-тајфунот „Хаијан“ на Филипините тргна под полна пареа, меѓутоа во местата погодени од катастрофата пристигнува многу тешко. Таму расте очајот на погоденото население.

„Хаијан“ беше еден од најсилните тајфуни во последните децении и пружањето меѓународна помош е огромно. Сѐ повеќе држави најавуваат првична помош за Филипините, а бројни влади веќе упатија помош вредна милиони евра.

Но и покрај тоа, ситуацијата за преживеаните на местата погодени од разурнувачкиот тајфун е сѐ подраматична. Монсунските дождови и ограбувањата ја отежнуваат ситуацијата. Обилните врнежи од дожд предизвикаа поплави во делови од погодените подрачја. Делови од градот Таклобан се преплавени од фекалии и смет, а насекаде можат да се видат и тела на загинатите.

Меѓународните хуманитарни организации и дописниците на странските медиуми известуваат дека конвоите за транспорт на прехранбени производи и медицинска помош се цел на напади и ограбување. Според истите извори, војската го засилила своето присуство во регионот за да обезбеди нормална распределба на помошта и да ги спречи грабежите.

ОН апелираат за помош

Градоначалникот на Таклобан, Алфред Ромуалдер, изјави дека досега од урнатините во градот се извлечени 250 тела на загинати. На островот Самар во масовна гробница погребани се повеќе од 500 загинати. Филипинската агенција за заштита од катастрофи денеска (13.11.2013) соопшти дека досега се евидентирани 1833 загинати во налетот на „Хаијан“. Околу 1.500 од официјално потврдените жртви се од островите Лејте и Самар, кои Хаијан ги поплави со бранови со големина на цунами, целосно уништувајќи големи и мали градови и оставајќи без дом 600 илјади лица.

Според податоците на агенцијата за справување со катастрофи, бројот на повредени Филипинци од тајфунот изнесува најмалку 2.623 лица.

Оваа агенција наведува само потврдени случаи и не изнесува проценки за бројот на настраданите. Меѓутоа, претседателот на Филипини Бенињо Акино сепак го стори тоа. Тој на почетокот на неделава најнапред одби да даде проценка за бројот на загинати, а потоа одби да ја прифати проценката на локалните власти дека би можело да има околу 10 илјади загинати. Сепак, сега во изјава за американската телевизиска станица Си- Ен -Ен (ЦНН) изнесе проценка дека во разурнувачкиот тајфун животот го загубиле меѓу 2000 и 2500 лица.

Недостатокот од храна во погодените региони доведе до тоа некои луѓе на крајбрежјето да се обидуваат со голи раце да ловат риби. Голем број луѓе кои во семејството имаат хендикепирани лица или болни деца пристигнаа на аеродромот во Таклобан со надеж дека ќе можат да го напуштат загрозениот регион. Но места во авионите и натаму нема доволно. И тука војската мора да ги спречува оние кои бараат помош да не истрчаат на пистата.

Организацијата на Обединетите Нациии апелираше до земјите-членки да соберат околу 300 милиони долари помош за Филипините. Европската унија првобитната помош од три милиони ја зголеми на десет милиони евра. Германија упати помош во висина од 1,5 милиони евра.