1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Филе, Хауит и Бузек во заеднички обид за крај на поделбите

Повторен обид на Брисел за ставање крај на политичката криза во Македонија. Еврокомесарот Штефан Филе, заедно со известувачот Ричард Хауит и екс-претседателот на ЕП, Јижи Бузек, денеска се во посета на Скопје.

Еврокомесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе, заедно со известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Ричард Хауит и поранешниот претседател на Европарламентот, Јижи Бузек, денеска се во Скопје со цел да извршат притисок да се стави крај на политичката криза.

„Комесарот Филе ќе отпатува во ПЈР Македонија во заедничка мисија со членовите на Европскиот парламент Хауит и Бузек, со цел да се сретне со засегнатите страни и да придонесе да се најде начин како да се надмине сегашната политичка криза. Солуција на кризата ќе помогне да се создадат услови за извештајот кој ЕК го подготвува врз база на одлуката на земјите-членки за оваа пролет. Таа ќе креира услови овој извештај да биде позитивен“, истакна портпаролот на Филе, Петер Стано, вчера на официјалнито прес-брифинг во зградата на Европската комисија

На прашањето на дописникот на МИА, што придонесе да се смени позицијата на Филе, кој мината недела рече дека нема да го посети Скопје поради ситуацијата, а сега остварува итна посета, дали сега доаѓа оти состојбата е вжештена и има уште три дена опозициската СДСМ да пријави кандидати за градоначалници и советници, и дали ќе ги притиска нив да го сторат тоа или властите да ги сменат условите, Стано наведе дека „одговорот на ова прашање лежи во неодамнешните изјави, а целосен одговор ќе има утре, кога ќе се знае повеќе“.

Во соопштението испратено од известувачот од ЕП, Хауит, пак, се наведува дека во светло на сегашната политичка криза, тој заедно со Бузек и Филе ќе дојдат во Скопје:

„Нашето заедничко присуство, како ЕП и ЕК, и парламентарци од двете најголеми политички партии во Европарламентот, ќе покаже дека Европа е обединета во кажувањето дека сега е време на поделбите во Скопје да им се стави крај“, порачува британскиот европратеник Хауит.

Според информациите од Унијата, денешната мисија на европската тројка ќе биде да обезбеди гаранција за крај на политичкиот застој во Македонија, со тоа што главна поента, како и претходно, ќе им биде дека политичките партии треба и мора да го стават интересот на земјата и на граѓаните на прво место, пред личниот и партискиот интерес.

Премиерот Никола Груевски вчера изјави дека Филе доаѓа во Македонија загрижен за состојбите со кои се соочува земјата.

„Тој и во минатото се обидуваше да помогне и очигледно е дека повторно ќе дојде во обид со заеднички сили да направиме напори да се решат работите. Подготвени сме за разговор врз основа на нашите принципи и позиции кои ги поставивме, но се надевам дека разумот ќе преовлада кај првиот човек на СДСМ зашто практично се‘ доаѓа од него“, рече Груевски.