1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Филе: Проширувањето не е причина за проблемите на ЕУ

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе изјави дека ЕУ останува одлучна во намерата за ширење преку прием на нови членки. Причините за сегашните проблеми на ЕУ се врзани за глобализацијата, а не за проширувањето.

Штефан Филе, синоќа во Брисел, по повод 9-ти мај, Денот на Европа, во пораката до земјите кои се на пат кон членство во Унијата им стави до знаење дека проширувањето не е причина за проблемите, туку е „фактички дел од решението“. Еврокомесарот истакна дека влегувањето на новите членки е ДНК на Европа.

„Европската унија и натаму расте“, рече Филе, укажувајќи дека „Хрватска ќе се придружи наскоро, на Србија и‘ е доделен статус на кандидат за членство, а преговорите со Црна Гора треба да почнат наредниот месец“. „И други земји на патот на проширувањето исто така напредуваат кон Европската унија... Ние сме решени да го одржиме тој напредок, наспроти предизвиците со кои е соочена Европа“, истакна Филе.

Тој потсети дека на „9 мај 1950 година Роберт Шуман ги изнесол предлозите со кои се ставени темелите на ЕУ. Тоа е проект на единствена заедница втемелена врз еднакви вредности и начела“, рече Филе во Брисел.