1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Филе: Поширувањето на ЕУ не е проблем, туку решение

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе на конференција во Брисел порача дека проширувањето на ЕУ не е причина за проблемите на Унијата, туку дел од решението.

„Граѓаните на ЕУ и државите кандидати се загрижени поради кризата, но проширувањето не е причина за тешкотиите и проблемите кои постојат во ЕУ, туку е дел од решението“, рече Комесарот на ЕУ за проширување Штефан Филе (на фотографијата горе) на конференцијата одржана во Брисел под името „Проширување во перспектива“.

Како што соопшти денес невладината организација Европско движење во Србија, Филе на конференцијата истакнал дека и придружувањето на Хрватска претставува доказ за трансформативната моќ на ЕУ и додал оти „само земјите кандидати зборуваат за замор од проширување, но всушност станува збор за замор од реформи“.

Според неговите зборови, во претпристапниот период ќе биде засилено надгледувањето на економската политика и повеќе внимание ќе биде посветено на прашањата за транспортот, енергијата, климатските промени, како и малите и средни претпријатија.

Отворајќи ја конференцијата, известувачот на Европскиот парламент за проширување, Марија Елени Копа констатираше оти проширувањето е најуспешниот дел на надворешната политика на ЕУ, но дека опаѓа ентузијазмот меѓу државите- членки, додека истовремено се поставува прашањето за економските и социјалните трошоци. Работата на еднодневната конференција, која ја организираа Фондацијата за напредни европски студии, Европскиот форум за демократија и солидарност и Солидар се одвиваше во два панела: „Пристапување од перспектива на државите кандидати и потенцијалните кандидати“ и „Социјална димензија на проширувањето: улогата на цивилното општество и мрежата на синдикати“.