1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Филе од Грција барал Македонија да почне преговори за членство во ЕУ

Еврокомесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе, при неговата вчерашна посета на Атина, побарал грчките власти да не ја попречуваат Македонија на Самитот на ЕУ во декември да добие датум за почеток на преговорите.

Високи дипломати од Унијата, кои инсистираат на анонимност, денеска за МИА во Брисел потврдиле дека целта на Филе при посетата била да ги извести Грците дека Република Македонија по четврти пат ќе добие позитивна препорака од Комисијата за почеток на преговори за членство во ЕУ, која официјално ќе биде објавена на 10-ти овој месец и дека „би било добро Грција, по трите блокади, да дозволи Македонија да добие датум“.

Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување, денеска не сакаше да ги открива точките од дискусиите на Филе со грчкиот премиер Самарас и со министерот за надворешни работи Аврамопулос, но упати на изјавата што неговиот претпоставен ја даде по средбите во Атина:

„Во врска со Поранешната Југословенска Република Македонија, ги разменивме нашите ставови за тоа како ние гледаме на настаните што се случуваат во последниве месеци. Јас го информирав министерот за надворешни работи на Грција за тоа како гледам на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), особено трите рунди на тој дијалог. Тоа резултираше со реформи и ја стави земјата назад на вистинскиот пат со реформите, особено оние што се однесуваат на владеењето на правото. Мојата оценка за реформите затоа е позитивна. Во оваа фаза не би сакал да откривам каков ќе биде октомврискиот извештај за ПЈРМ и што ќе биде препораката на ЕК, за што прво морам да го известам Советот на комесари на ЕК следната недела“, гласи изјавата на еврокомесарот за проширување.

Филе изјавата ја завршува со клучната поента што ја открива целта на неговата вчерашна посета на Грција:

„Претходните три години, Комисијата даде позитивна препорака за почеток на преговори за ПЈРМ. Ние се согласивме за многу теми, на пример, се согласивме дека е од витално значење да се реши прашањето за името, како и за тоа земјата да напредува кон пристапувањето кон ЕУ“, порача Филе од Атина.

Токму последната реченица „…како и за тоа земјата да напредува во пристапувањето кон ЕУ” дава до знаење дека еврокомесарот за проширување побарал од грчките власти да дозволат Македонија да напредува во приближувањето кон ЕУ. Европската комисија и пред се‘ Директоратот за проширување што го предводи Филе се ставени во најлоша позиција, нивниот кредбилитет е доведен во прашање, со оглед на тоа што нивните препораки се покажува дека не му значат ништо на Советот на ЕУ, каде Грција со вето успева да ја блокира Македонија во евроинтегративните процеси.

Гласноговорникот на чешкиот комесар не сакаше да ги потврди овие информации, постојано упатувајќи на изјавата на Филе во Атина, посочувајќи дека „може да се толкува и оценува”.

Со оглед на длабоката финансиска криза со која се соочува Европската унија, токму институциите на ЕУ се најдоа на удар на медиумите дека се заглавени во обидите како да ја извлечат Унијата од кризата, поради што трпи процесот на проширување. Иако Црна Гора формално веќе започна преговори, факт е дека со реформите и усогласувањето на сопствената законска регулатива со европската се далеку зад Македонија, што го потврди и самиот Филе со вчерашната изјава дека Црногорците мора да го решат проблемот со криминалот.

Македонија е камен на сопнување на Европската унија и целиот нејзин кредибилитет се доведува во прашање, ако поради нарушување на основното фундаментално право на самоидентификување се дозволува на една земја-членка (Грција) да блокира земја-кандидат (Македонија), што е се‘ повеќе тема на дискусија и расправи на Советите на министри за надворешни работи на Унијата, каде се‘ поголем број држави бараат од Грците да престанат со блокадите.