1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Филе на 1-ви јуни во Македонија

Комесарот за проширување при ЕУ, Штефан Филе на 1-ви јуни ќе допатува во Македонија за да учествува на самитот на шефови на држави и влади на земјите во Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Охрид.

Од кабинетот на еврокомесарот за проширување на Унијата изјавиле дека сe‘ уште не е донесена конечна одлука, но потенцирале дека овој настан е на агендата на Филе и оти само се чека конечна потврда, пренесува МИА.

Сепак, се дознава дека од кабинетот на Штефан Филе веќе ги известиле организаторите и македонскиот државен врв дека еврокомесарот ќе присуствува на средбата во Охрид. На 16-иот по ред самит на ПСЈИЕ, што токму од страна на Европската комисија во последниот извештај за земјата е посочен како позитивен момент во пристапувањето на Република Македонија кон ЕУ, Филе се очекува да им се обрати на присутните и да побара од нив поцврсто да соработуваат во овозможувањето на преостанатите земји од Југоисточна Европа да станат дел од Европската унија.

Според најавите, при неговиот престој во Македонија, Филе би остварил и билатерални средби со највисокиот државен врв, а со цел последни консултации и давање на насоки за продолжување во остварувањето на реформите пред Самитот на Европскиот совет закажан за 27-ми  јуни во Брисел, на кој земјите-членки ќе одлучуваат за доделување на датум за почеток на пристапните преговори со Македонија.

Како што е познато, главни теми на кои ќе биде посветен Самитот на ПСЈИЕ, кој се одржува под мотото „Солидарност во акција" се намалување на ризиците од катастрофи и адаптација кон климатските промени.

Инаку, овој Самитот претставува завршна активност во рамки на едногодишното македонско претседавање со оваа регионална иницијатива. Од Кабинетот на Претседателот Ѓорге Иванов, претходно информираа дека досега на овој настан присуството го потврдиле и се очекува да учествуваат претседателите на Албанија - Бујар Нишани, на Бугарија - Росен Плевнелиев, на Хрватска - Иво Јосиповиќ, на Молдавија - Николае Тимофти, на Црна Гора - Филип Вујановиќ, на Романија - Трајан Басеску, на Србија - Томислав Николиќ и на Словенија - Борут Пахор, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина - Небојша Радмановиќ и министерот за надворешни работи на Турција - Ахмет Давутоглу. Од нему познати причини, досега учеството на настанот го откажал само претседателот на Грција, Каролос Папуљас.

Како учесници или специјални гости на овој настан, како што информираа од кабинетот на македонскиот претседател, покрај Филе се очекува да бидат и претседавачот со Генералното собрание на Обединетите нации, Вук Јеремиќ, комесарот на Европската унија за меѓународна соработка, хуманитарна помош и одговор на кризи, Кристалина Георгиева, специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за намалување на ризиците од катастрофи, Маргарета Волстром, специјалниот претставник на генералниот секретар на Советот на Европа и шеф на одделот за демократски иницијативи, Еладиот Фернандез Галиано. Дел од учесниците ќе бидат и претседавачот на Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи, Даг Олаф Хогволд, специјалниот претставник на генералниот секретар на Меѓународната организација на франкофонијата, Давид Бонгард, специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за млади, Ахмад Алхиндави, генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Горан Свилановиќ и амбасадорот на Ирска, Оливер Гроган, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.