1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Филе на средба со шефовите на дипломатиите од Западен Балкан

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе утре (26.09) во Њујорк ќе сретне со шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан, меѓу кои е македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски.

Комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе, утре во Њујорк, во рамки на неговиот престој за време на Генералното собрание на Обединетите нации, ќе одржи работен ручек со министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.

Филе, кој во понеделникот се сретна со Метју Нимиц, медијаторот на ОН во преговорите меѓу Македонија и Грција за решавање на наметнатиот спор за македонското име, се очекува да го заврши престојот во САД со средба со министрите од земјите кои се во процесот на проширување.

Утрешниот работен ручек на комесарот за проширување со шефовите на дипломатиите од земјите од Западен Балкан, го потврди и неговиот портпарол Петер Стано, не прецизирајќи што ќе биде темата на средбата. Се очекува да стане збор за пристапниот процес на Република Македонија и останатите земји од регионот кон Унијата, во пресрет на претстојниот извештај за напредокот на евроинтеграциите што Европската комисија на 16-ти октомври ќе го издаде за Македонија и за останатите кандидати и потенцијални кандидати за членство.