1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Филе: Македонија е пред решавачка одлука

Барања за почеток на преговори, повик за решение на проблемот со името и продолжување на реформите, непопустливост на грчките европратеници-главни тонови од синоќешната дебата во ЕП за напредокот на Македонија.

default

Јасни пораки до Скопје од Стразбур

Унгарската министерка за европски прашања Енико Ѓори во името на Советот на ЕУ и еврокомесарот за проширување Штефан Филе ја оценија резолуцијата изработена од Зоран Талер и претставена од Кристиан Вигенин како урамнотежена.

„ Жалам што и покрај постигнатиот напредок земјата не можеше да започне преговори за членство. Тоа е загуба не само за земјата, туку и за Европската унија,“ изјави Ѓори.

Македонија подготвена за преговори, но реформите треба да се засилат

Пораките и констатациите на учесниците во расправата беа скоро исти: Македонија постигнала значаен напредок во многу области, но таа треба и понатаму да работи на реформите во правосудниот систем, слободата на медиумите и политичкиот дијалог.

„Ние сметаме дека земјата е подготвена за понапреднато ниво на интеграција со Европа. Преговорите за членство се инструмент за поддршка на реформите. Но морам да ја споделам со вас грижата во однос на неодамнешниот развој. Нашата препорака потврдува дека земјата ги достигна политичките критериуми, но ние постојано инсистираме дека се потребни и други реформи во повеќе области. Комисијата постојано бараше политички дијалог, реформа на судството и јавната администрација, борба против корупцијата, слобода на изразувањето и спроведувањето на Рамковниот договор.“ Штефан Филе тука подвлечe дека новинарите треба слободно да се изразуваат и да нема селективно спроведување на законите. Еврокомесарот потсети дека на последната средба со Груевски во Брисел било договорено да се зголемат напорите за агендата и европската програма да бидат меѓу најголемите приоритети на земјата. Комисијата, најави тој, ќе го поддржи процесот и ќе го проверува со редовен дијалог во областа на проширувањето.

Abgeordnete im Europaparlament in Straßburg

Спорот со името мора да се реши

Главната причина за незапочнувањето на преговорите е блокадата од Грција поради нерешениот спор со името. Унгарската министерка Ѓори изрази надеж дека по пресудата на Судот од Хаг до крајот на годинава ќе биде постигнат напредок за изнаоѓање на решение за името и со тоа деблокирање на процесот за почеток на преговори.

„Македонија треба да направи сè што е можно, за да не заостанува повеќе во тој процес. Клучниот проблем е решавањето на спорот со Грција, престојните избори се шанса новата влада, која ќе биде создадена, да ја искористи довербата на гласачите и да го реши тоа прашање. Треба да биде јасно дека цената на одлагањето ќе биде се‘ повисока за македонските граѓани. Ние се надеваме дека лидерите на земјата ќе покажат смелост и далековидност“, нагласи известувачот Кристиан Вигенин.

Грчките европратеници со заеднички став: без решение на спорот со името нема преговори

Во тој контекст, скоро сите грчки европратеници кои зедоа учество во расправата останаа на иста позиција: нема да има преговори се‘ додека нема решение за името. Вината за неизнаоѓање на решение, тие ја префрлија врз македонската страна, а на забелешките на повеќе други нивни колеги дека Грција може да ја блокира Македонија во процесот на зачленување и подоцна, грчките европарламентарци како Јоргос Кумуцакос сметаат дека тоа „само ќе го охрабри Скопје“ да не попушта по прашањето за името.

Позицијата на Грција е неразбирлива за многу европратеници

„Грција придонесе и доби многу од членството на ЕУ, зошто тогаш Грција и‘ ги одбива истите предности на Македонија. Проблемот со името е неразбирлив за мене и за многу луѓе од мојата земја. Време е да бидеме поостри кон Грција, која доби огромна помош од ЕУ за спас на незјината економнија, Грција не е во позиција да го спречува процесот на проширувањето“, нагласи Британецот Чарлс Танок, кој притоа предупреди на опасноста од самозатворање на Македонија и откажување од европските амбици, ако не и‘ се даде поддршка на реформите и нејзиното членство во НАТО и ЕУ.

„Ги повикувам колегите од Грција да покажат добра волја и да ги поддржат амандманите со кои во текстот на резолуцијата ќе биде означен македонскиот јазик како еден од официјалните јазици на земјата“, предложи словачката европратеничка Ана Заборска. Таа претходно ги потсети европратениците дека кога доаѓале од Брисел во Стразбур поминале најпрво во Луксембург, провинција на Белгија и истоимена со државата Луксембург. „Ако Белгија се однесуваше кон Луксембург како што сега се однесува Грција кон Македонија, ЕУ никогаш немаше да биде создадена“, рече Заборска.

Преговорите ќе бидат стимулирачки за реформите

Многу европратеници сметаат дека почетокот на преговорите ќе делува стимулирачки за спроведување на реформите во земјата, што се покажало и кај другите земји.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje

Унгарскиот пратеник Табајди, смета дека одговорноста за ситуацијата во Македонија и непочетокот со преговорите не треба да се бара само во Македонија, свој дел на одговорност сноси и Европскиот совет, кој не ги послуша препораките на Европскиот парламнет и Комисија и го одлага почеток на преговорите со земјата.

Забелешки од бугарските европратеници

Бугарските европратеници, Андреј Ковачев и Димитар Стојанов се пожалија на лошито третман на македонските државјани кои се изјаснуваат како етнички Бугари, барајќи нивна заштита исто како и заштита на „бугарските културно историски споменици“ во Македонија.

Грчкиот европратеник Салавракос од негова страна ги повика европратениците да се воздржат при гласањето на резолуцијата, поради компромитираноста на нејзиниот изработувач – словенечкиот европратеник Зоран Талер. Нагласувајќи дека земјата нема никаква перспектива, со оглед на политичката ситуација во неа како и меѓуетничките односи.

Беше искритикуван и бојкотот на парламентот од страна на опозицијата во Македонија, што според европратениците, стана навика во регионот.

Заеднички пораки до Македонија

Европскиот парламент, Комисијата и Советот со заедничка порака- од Македонија е побарано одржување на регуларни, транспарентни и слободни избори, во согласност со меѓународните норми, како и поголема одговорност на сите политички партии. Овие препораки усно ќе ги пренесат претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо и еврокомесарот Штефан Филе.

Според Филе, Македонија во моментов се наоѓа на критичен крстопат.„Или таа ќе продолжи на патот кон ЕУ со взаемна корист, или ќе заостане додека регионот напредува. Затоа е време и потребно е да бидеме на нивото на нашите ангажирања и одговорности“. Филе притоа нагласи дека Комисијата е подготвена да помогне во изнаоѓање на решение со Грција.

Европратениците за резолуцијата ќе ласаат денес напладне.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM