1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Филе и Груевски разговараа за случајот Кежаровски и слободата на изразување

Еврокомесарот Филе и македонскиот премиер Груевски разговарале за најновиот извештај за напредок на Македонија, но и за последните политички превирања, пресудата на новинарот Кежаровски, за слободата на изразувањето.

Дури пет часа по завршувањето на средбата меѓу македонскиот премиер Никола Груевски и еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, Европската комисија излезе со соопштение за средбата, јавува дописникот на МИА од Брисел. Според Комисијата, Филе и Груевски разговарале за најновиот извештај за напредок за Македонија, но и за последните политички превирања во земјата, случајот со пресудата на новинарот Томислав Кежаровски, за слободата на изразувањето и билатералните односи со Грција и Бугарија.

„Комесарот за проширување се сретна со премиерот на БЈР Македонија, Никола Груевски, кој беше придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Попоски. Средбата следеше по неодамнешното објавување на прогрес-извештајот за наредокот на земјата и петтата препорака на Комисијата до Советот да отвори преговори за членство. Разговорите се фокусираа на неодамнешните политички случувања и реформските приоритети што Комисијата ги нагласи во извештајот за напредокот во оваа година и начините како да се надминат недостатоците истакнати во него“, се вели на почетокот во соопштението на ЕК.

Според Комисијата, Филе изразил загриженост „за зголемената поларизација меѓу политичките партии во земјата и го повторил својот повик за конструктивен сѐопфатен дијалог и одговорна политика во национален интерес“. Во областа на владеење на правото, „Филе ја истакнал потребата да се подобри предвидливоста, еднаквоста и транспарентноста на процесот на носење на одлуки со цел да има доверба кај јавноста и да се засили борбата против корупцијата и организираниот криминал“.

„Комесарот го покрена и прашањето за неодамнешната судска пресуда против истражувачки новинар и рече: Ние ќе продолжиме одблиску да го следиме случајот на господинот Кежаровски, внимателно ќе ја проучиме пресудата кога ќе стане достапна и очекуваме исходот од овој случај да го има во предвид целосниот збир на основните принципи на праведност, пропорционалност и јавен интерес“, се наведува во соопштението на неформалната влада на Европската унија.

Што се однесува до слободата на изразување, од Комисијата наведуваат дека комесарот Филе истакнал дека треба да се направи повеќе во однос на обновата на довербата меѓу Владата и медиумската заедница, по настаните од 24. декември 2012. година, а по консултациите за законите за медиуми ова лето и „да се подобри целокупната медиумска култура“.

„Новиот закон за клевета мора да се спроведе во пракса и секоја промена на релевантното законодавство мора де факто да резултира со воспоставување на подобра рамка за слободата на изразувањето. Комесарот Филе и премиерот Груевски исто така дискутираа и за моменталната состојба во билатералните односи со две земји-членки на Европската унија“, се потенцира на крајот од соопштението на Европската комисија.

Претходно, премиерот Груевски за МИА изјави дека со Филе разговарале за можноста Македонија да ги почне пристапните преговори со Унијата, за продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) и за напредокот на земјата во евроинтеграциите.