1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Филе задоволен од европската агенда на Скопје

Еврокомесарот за проширување по средбата во Скопје со македонскиот премиер Груевски рече дека очекува имплементација на усвоените заклучоци.

default

Задоволен сум што гледам нова динамика со поставувањето на европската агенда во центарот на јавната дебата. И покрај тоа што постојат многу предизвикувачки прашања таа е во центарот на дебатата, изјави еврокомесарот Штефан Филе на заедничката прес-конференција во Скопје со македонскиот премиер Никола Груевски по вториот состанок за пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и ЕУ.

„Заклучоците договорени на првиот состанок во март се исполнети во сите шест точки и тоа е многу важно. Задоволен сум од патоказот кој е усвоен од Владата во април, а сега е важно да се работи на неговата имплементација и да се гледа на патоказот како на жив документ“, рече Филе.

Тој подвлече дека отворањето на пристапните преговори е заедничка цел на Македонија и на ЕК, но во меѓувреме треба да се одржува моментумот на реформите и затоа, вели, започна пристапниот дијалог на високо ниво.

Груевски истакна дека денешниот состанок го искористил да ја реафирмира цврстата определба на владата на Македонија за членство во ЕУ и оти примарна цел е час поскоро, оваа година, отворање на пристапните преговори, при што пристапниот дијалог треба да биде поттик во таа насока.

Груевски: интеграцијата ќе ги задуши радикалните агенди

Тој подвлече оти на состанокот станало збор и за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и меѓуетничките односи од аспект на неодамнешното петкратно убиство.

„Македонското мултиетничко општество и институциите на системот низ десетте изминати години на спроведување на Охридскиот договор докажаа дека имаат капацитет да се справуваат со предизвици од различна природа. Контекстот на

Mazedonisches Parlament

европската и евроатлантската интеграција има особена заслуга за тоа и не случајно важноста на овој контекст е посочена во првите реченици на Охридскиот договор. Општествената енергија се концентрира на интеграцијата, а напредокот во интеграцијата го задушува просторот за виреење на радикални агенди“, подвлече Груевски.

На денешниот состанок донесени се заклучоци во однос на петте клучни области опфатени со пристапниот дијалог на високо ниво. Следниот состанок ќе се одржи во септември. Резултатите кои ќе бидат испорачани на тој состанок директно ќе се одразат врз извештајот за напредокот на земјата кој ЕК треба да го објави во октомври годинава.

СДСМ: неразбирливо отсуство на медиумите

Претходно Филе имаше заедничка средба со собраниската Комисија за европски прашања и со членовите и претставниците на Националниот совет за евроинтеграции, и тоа зад затворени врати на барање на претставниците на Европската унија. Гордан Георгиев од СДСМ изјави дека на средбата се отвориле повеќе прашања од пристапниот дијалог.

„Ние како опозиција го искажавме нашиот став дека изразуваме искрен сомнеж дека ваквите точки од пристапниот дијалог се недоволни, бидејќи нам ни изгледа дека се само на хартија. За мене беше неразбирливо и отсуството на медиумите, особено кога една од клучните точки е слободата на медиумите, дијалогот со новинарските еснафски здруженија, кое ние цениме дека не е на добар пат“, изјави Георгиев.

Насер Селмани од Здружението на новинарите на Македонија, кој присуствуше на средбата изјави дека пред Филе реферирал дека и покрај договорот со Владата до март да се затвори прашањето за декриминализацијата, тоа не е направено. Селмани истакнал дека ЗНМ останува отворено за соработка и оти ги навел сите аргументи и потребата за декриминализација на клеветата. Селмани смета дека медиумите денеска требаше да присуствуваат на заедничката средба на Филе со пратениците.

„Немаше ништо страшно таму. Медиумите требаше да бидат внатре и да ја следат дискусијата“, изјави претседателот на ЗНМ.