1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Филе е оптимист ако се најде решение за политичката криза во Македонија

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе не дава изјави што разговарал вчера на средбите во Скопје, но е оптимист ако владата и опозицијата и претседателот најдат решение за настаните кои се случија по 24 декември.

2013. година ќе биде клучна за продолжување на напорот за проширувањето на ЕУ, за да се дозволи гаранција на кредибилитетот на процесот и неговите капацитети да го трансформираат нашето соседство, рече еврокомесарот за проширување Штефан Филе во Советот на Европа во Стразбур (на фотографијата со претседателот на ПССЕ Жан-Клод Мињон).

На прашање на дописникот на ДВ, која беше целта на неговата ненајавена посета на Скопје и што тој им рекол и што му одговориле неговите соговорници, и дали останува и понатаму оптимист како што беше во декември, дека Македонија има шанси во јуни да ги започне преговорите со ЕУ, еврокомесарот Филе одговори:

„Тоа беше значајна посета која беше направена вчера во Скопје, исто како и разговорите кои ги имав. Ова беше во рамките на подготовките на пролетниот извештај на Европската комисија  за напредокот на земјата, Државите членки на ЕУ се надлежни да одлучат потоа за отворањето на преговорите за членство со Поранешната Југословенска Република Македонија,“ одговори комесарот, избегнувајќи да каже што разговарал со македонските државни раководители и лидерот на опозицијата во Скопје.

„Јас сум оптимист по природа и се надевам дека двете страни, односно владата и опозицијата и претседателот ќе бидат способни да пронајдат решение за настаните кои се случија по 24 декември. За мојот оптимизам да остане на нивото од пред периодот на настаните од пред 24 декември“, беше одговорот на Филе.

Претседателот на ПССЕ Жан-Клод Мињон не сакаше да ги коментира случувањата во Македонија откако за тоа беше запознат директно на пленарната сесија од претставникот на македонската опозиција, Игор Ивановски.

Претходно еврокомесарот Филе се  сретна со членовите на Комисијата за следење на обврските на земјите членки на Советот на Европа, со која Европската Комисија и посебно Генералната дирекција за проширување на ЕК тесно соработува, кога станува збор за следењето на земјите - кандидати за членство во ЕУ.

Оваа Комисија пред неколку дена сосема накратко расправаше за Македонија и според наши извори од Стразбур, во извештајот се опфатени и најновиот развој на ситуацијата во Македонија, за што вчера пред ПССЕ зборуваше со свои ставови од аголот на опозицијата Игор Ивановски.

Во разговорот со членовите на мониторинг комисијата на ПССЕ, Филе не се задржал на ситуацијата во Македонија, поради сосема кратката средба предизвикана од неговото задоцнето доаѓање во Стразбур.

Филе пред ПССЕ се очекува да зборува за соработката меѓу Советот на Европа и Европската унија во областа на  промовирање на демократијата, правната држава и човековите права. Притоа тој се очекува да ги претстави предизвиците и влоговите од соработката меѓу СЕ и ЕУ во областа на проширувањето. Имено, Советот на Европа може да помогне многу во пренесувањето на „заедничките европски придобивки“ во законодавствата на земјите кандидати за членство во ЕУ.