1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Филе доаѓа во Скопје да ја провери домашната задача!

Владата си постави 150 задачи што треба да ги исполни во неколку етапи како влог во дијалогот на високо ниво што Брисел и' го понуди на Македонија. Филе денеска доаѓа во проверка на сработеното.

Еврокомесарот Штефан Филе пред два месеца во Скопје подели сет на задачи во пет области и си замина. Денеска доаѓа во Македонија да провери како се одвива реализацијата на преземените обврски. Дали на второто продолжение од дијалогот на високо ниво отворен на 15 март Македонија ќе му понуди на Брисел аргументи за да биде констатиран напредок во договорените сфери?

Власта и опозицијата со спротиставени оценки

Впечатокот е различен. Според опозицијата Македонија го пречекува Филе со празни раце, според власта договорената динамика се почитува. Се очекува европскиот комесар вешто, на дипломатски јазик, да ја каже својата оценка за напорите што во изминатите два месеца ги вложила Македонија за да ја поправи сликата во делот на слободата на медиумите, владеењето на правото, капациетот на администрацијата, функционалноста на пазарната економија и изборно законодавство. Домаќините со спротиставени ставови го пречекуваат гостинот од Брисел. Вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи вели дека најголемиот дел од задачите ќе бидат завршени до септември.

Teuta Arifi Politikerin Albanien

Вицепремиерката Теута Арифи укажува дека треба да се искористи можноста дадена од ЕУ

“Имаме клучен процес со ЕК и треба да го искористиме за подобрување на демократските стандарди на општеството и за односот со ЕУ“, вели Арифи.

Определени неколку рокови за исполнување на обврските

Оперативниот патоказ за реализација на целите зададени од Брисел, ќе биде поделелен во три етапи – јунска, септемвриска и декемвриска. Опозиционерите не се задоволни од темпото на евроинтеграција.

“Доказ колку сме подготвени е буџетот. Според ребалансот, средствата за интеграција во ЕУ се намалени за 11 проценти, за регионален развој фантастични 59 отсто, а тоа се средства директно поврзани со евроинтеграциите“, вели Јани Макрадули од СДСМ.

Поранешниот министер за евроинтеграции Ивица Боцевски за Дојче Веле објаснува дека станува збор за дијалог во кој има повеќе технички отколку суштински елементи.

“Јас сметам дека Македонија и ЕУ во моментов го тестираат новиот механизам којшто и' е понуден на Македонија. Ги усогласуваат ставовите околу мерките и заклучоците неоходни за следење на прогресот. Очекувам продуктивна средба, која ќе придонесе кон македонските евроинтеграции. Воедно јасно е дека со самото продолжување на овој процес ќе гледаме како темите стануваат се потехнички, а помалку политички и со тоа поздодевни“, вели Боцевски.

Преговорите меѓу новинарите и власта закочени

Naser Selmani

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани вели дека владата ги заборавила преговорите со новинарите

Еден од приоритетите во сегментот слобода на медиумите беше декриминализација на клеветата. Но, од неодамна дијалогот помеѓу власта и ЗНМ е закочен.

“Не само што немаме резултати од тој дијалог, туку нема и дијалог. Овој обид е неуспешен. Ние веќе два месеца не можеме да се состанеме. И ден денеска не знаеме зошто госпоѓа Арифи не успеа да не' собере“, објаснува Насер Селмани од ЗНМ. Владата си постави 150 задачи што ќе треба да ги исполни до септември, како влог во дијалогот на високо ниво што Брисел и' го понуди на државата. Акцискиот план, како што се нарекува овде во Скопје, или патоказ, како што го нарекуваат во ЕК, по денешната мајска анализа ќе се проверува и на третата средба закажана за септември. Тогаш ќе се знаат првичните резултати од овој механизам што Комисијата го промовираше токму во случајот со Македонија. Од нив ќе зависат насоките за наредниот период што Брисел ќе и’ ги одреди на земјата.